Започна увидот во центарот на селото Русиново, каде по иницијативата на Благој Механџиски-Зегин и порталот Малеш Нет, пред една година беше поднесена иницијатива до Општина Берово за изградба на фонтана и спомен обележје во чест на нашата постхумна хероина Верица Белчовска.
Тим на геодетски инженери денес со главниот покровител и финасиер на проектот, Благој Механџиски, беа во селото Русиново, каде според планот е предвидена бушотина на извор и изградба на прекрасна фонтана, каде сите мештани би ја корителе оваа вода и секако ќе остане како сеќавање за Верица.
-Како што рековме пред една година, во чест на нашата Верица која почина и која со нејзините донирани органи спаси неколку животи на граѓани и во чест на нејзиното семејство кое покажа огромен гест со нивното хумано дејство, ние ветивме дека овде на ова место ќе направиме спомен плоштад со фонтана, се со цел да се оддолжиме на некој начин на нејзините родители за сето тоа што го направија за нашето село.Поради пандемијата неколку месеци беше одложен проектот, но сега верувам дека наскоро овде ќе никне прекрасно обележје за нашата Верица – рече Благој Механџиски сопственик на компанијата „Зегин“.
Во зависност од локацијата, бунарот кој ќе се буши може да биде длабок до 150 метра и со сите процедури и нормативи за изработка сето тоа би се отпочнало за месец дена истакнаа геодетските инженери кои денес направија увид на теренот во селото Русиново.
-Бунарот во зависност од локацијата може да се буши и да биде длабик од 100 до 150 метри.Би се отпочнало да речеме за неполн месец со сите тие процедури и нормативи за изработка и определување на издашноста на водата би се направило на ова место каде во моментот се наоѓаме – рече геолошкиот иженер Сашо Георгиевски од фирмата „Геинг“.
Инаку Младата Верица Белчовска стана симбол за хуманост, откако нејзиното семејство по нејзината смрт во сообраќајка, дозволи нејзините органи да бидат донирани за трансплантација. Нејзиното срце продолжи да работи во градите на 22-годишниот Иле Стрезоски од тетовското село Брвеница, кој имаше срцева болест и се наоѓаше во животозагрозувачка состојба. Освен тоа, нејзините бубрези и коскени ткива беа донирани, спасувајќи животи на повеќе пациенти.