ВО ПЕХЧЕВСКО НЕГРЕВО РЕАЛИЗИРАН ЗАВРШНИОТ НАСТАН ЗА ПРОМОЦИЈА НА ЕДУКАТИВНА ВЕЛО ПАТЕКА

ВО ПЕХЧЕВСКО НЕГРЕВО РЕАЛИЗИРАН ЗАВРШНИОТ НАСТАН ЗА ПРОМОЦИЈА НА ЕДУКАТИВНА ВЕЛО ПАТЕКА
септември 21 16:43 2022

Во Едукативниот центар во пехчевското село Негрево денес се реализираше завршниот настан во рамки на промоцијата на едукативната вело-патека. Активноста се реализира преку Програмата за зачувување на природата на Швајцарската агенција за развој која Фармахем во изминатите 10 години успешно ја реализира во Брегалничкиот регион.

Како што истакна програмскиот координатор Јасминка Пашалиска Андоновска, покрај промоција на патеката, целта на денешниот настан е на соодветен начин меѓу најмладите да се промовира навиката за велосипедизам и вело-култура како и здравите навики на живеење.

-Оваа вело-патека е на некој начин надополнување на содржините кои ги има Едукативниот центар за зачувување на природата инадополнување на содржините во поглед на рекреативните можности во Малешевијата, кои преку програмата претходно беа поддржани со над 200 километри велосипедски патеки на територијата на цела Малешевија. Оваа патека е со малку поинаков карактер, едукативна е и наменета и за семејства и за деца, за да овој вид туризам на некој начин се промовира и кај семејствата кои ќе можат да ги користат нејзините потенцијали, рече Пашалиска Андоновска.

Никола Нешковски од организацијата Екологик, кој ја имаше улогата на ментор за време на велосипедската тура додаде дека денес учесниците возеле низ лесно совладлива патека долга околу 6,5 километри.

-Овде во Негрево имаме патека која е дел од проектот Велоучилишта, истата е со 15 едукативни содржини, кои се однесуваат од основно одржување на велосипед, до правилно местење кацига, потребна опрема и исхрана со цел авантурата на велосипед да ја направиме полесна за децата и родителите. Во рамки на нашите активности секоја година сакаме да сме на различни места нормално посветуваме исто внимание на сите деца во цела држава, рече Нешковски, напоменувајки дека за рекреативен велосипедизам Малешевијата е многу питома како терен, што според него во иднина ќе придонесе уште повеќе да се развива овој спорт.

За младиот Петар Димитковски кој вози велосипед од свои 5 години, патеката е доста интересна, заради што ја препорача на сите кои возат велосипед.Во денешната активност по повод Неделата на мобилност се приклучија и ученици од училиштето Ванчо Китанов со својата наставничка Оливера Кратевска Ковачевска.

-Наша задача е да ги обоиме и сликаме овие буриња позади нас, кои ќе бидат искористени за паркирање на велосипедите. Многу ни беше убаво во природа, 14 ученици учествуваа во активноста и како и секогаш добија морална поддршка од мене, рече Ковачевска Кратевска.

Денешниот настан се реализираше во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност која Европската комисија од 2002 година до денес ја спроведува во третата седмица од септември секоја година, додека целата организацијата настанот е со поддршка на Општина Пехчево во соработка со основното училиште „Ванчо Китанов“.

  Категории: