ВО БЕРОВО СЕ СЛАВИ ГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК ВЕЛИГДЕН

ВО БЕРОВО СЕ СЛАВИ ГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК ВЕЛИГДЕН
април 24 15:21 2022

Со зборовите Христос Воскрена – Навистина Воскресна како што налагаат обичаите, православните верници од Берово си го честитаа  големиот христијански празник Велигден точно на полноќ.Голем број граѓани се собраа во црквата Рождество на Пресвета Богородица на градскиот плоштад  каде свештениците од беровското архиерејско намешништво заедно со верниците синоќа го извршија трикратниот опход  околу црквата.Со биењето на камбаната се означи Велигден, празникот кога Исус станал од мртвите и ја докажал својата боженствена моќ.Воскресението Христово точно на полноќ беше објавено во  сите христијански храмови низ Македонија.Верниците со радост ја дочекаа  веста за Христовото Воскресение и си посакаа Божјата наклонетост да допре до сечиј дом и да подари здравје, среќа и љубов на секого.

Берово деновиве е преплавено од голем број туристи и граѓани кои ги исполнија туристичките населби и градските локали до последно место,

Во чест на големиот христијански празник Велигден, денес на градскиот плоштад беше организирана Велигденска традиционална манифестација од страна на Општина Берово и Домот на културата „Димитар Беровски“, каде свое обраќање имаше градоначалникот на Берово кој им го честиташе големиот христијански празник Велигден на сите граѓани.

На културната свеченост настапија членовите од КУД Димитар Беровски и староградскиот оркестар, како и учениците на гитара од школата на нашата Жаклина Коловска и школата за хармоника на Бранко Коловски.Особено внимание привлече натпреварот за најцврсто и најукрасено јајце, со што од страна на Општина Берово со по 5000 денари беа наградени победниците.Исто така на градскиот плоштад  беа поставени неколку штандови со украсени јајца изработени од учениците во  основните училишта  ООУ “Дедо Иљо Малешевски“ – Берово и ООУ “Никола Петров Русински“ – Русиново како и од средното училиште ОСУ “Ацо Русковски“ – Берово.

Велигден се слави како празник над празниците, победа на животот над смртта.Обичаите и традициите се врзани со црвените велигденски јајца кои го симболизираат повторното раѓање.Се верува дека тврдата лушпа на јајцето го претставува гробот на Исус, а кршењето на јајцата воскрснувањето од мртвите.Палењето на свеќите пак е симбол на Исусовата светлина која никогаш не гасне.

  Категории: