„Анима Мунди“ нема да му се извини на сточарот од с. Робово – етнолозите велат обичајот „Изгубеното јагне“ не е непознат но за свадби

„Анима Мунди“ нема да му се извини на сточарот од с. Робово – етнолозите велат обичајот „Изгубеното јагне“ не е непознат но за свадби
февруари 08 09:32 2022

Здружението „Анима Мунди“ не размислува да му се извини на сточарот од с.Робово, Александар Мачевски. За НоваТВ Гизела Бошковска изјави дека од она што било снимено на видеото, впечатокот е дека јагнето било малтретирано.

– Не напишавме ништо што не се виде на видеото. Законот за благосостојба на животно, убаво пропишува дека не треба да му се приредува стрес на животното или тоа да биде малтретирано. Во овој случај јагнето беше малтретирано и тоа е неспорно. Немаме намера да се извиниме и поради тоа што нашиот фокус беше инспекторот на Агенцијата за храна и ветеринарство кој наместо да санкционира, славел, а не самиот овчар, ни изјави Гизела Бошковска од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“.

Етнолози кои ги контактира НоваТВ за обичајот, за кој сточарот Мачевски рече дека се изведувал во неговата куќа и тогаш кога е направено видеото, но и со децении наназад како дел од семејната традиција, велат ,,Изгубеното јагне“ како песна и обичај не е непознат во северните делови на државава и тоа на обреди поврзани со свадбарски обичаи.

– Не сум прочитал дека постои посебен обичај, кој се нарекува „Изгубено јагне“ кај нас во Македонија но има јасни трагови за магиска постапка, која се изведува кај нас, а спаѓа во сточарската традиција. Сточарските обичаи и магиски постапки од минатото се толку многубројни, што ниту десетина докторски дисертации не можат да ги „покријат“. Имаме многу описи на пијанки и честење на сите инволвирани во продажба на стока, после склучена зделка и тоа е запишано на многу места (никој не обрнал внимание на тоа дека се работи за ритуална или магиска постапка, туку ставиле акцент само на „честењето“ на заслужните за зделката). Инаку, во светот постои еден вид обичај, каде песната „Изгубено јагне“ е дел од ритуалот за просидба (Пирот, Срем, па и во Северните делови на Македонија), кога старосватот музичарите во дворот на куќата, ги распоредува на најразлични места (па дури и ги качува по дрва, плевни, штали…) од каде тие му го свират „Изгубеното јагне“. Се разбира, тој за тоа обилно ги плаќа музичарите. На друго место (Франција, Германија, Италија), „Изгубено јагне“ е иницијација на просидбата на девојката, кога младоженецот оди да го бара своето „Изгубено јагне“ во дворот на потенцијалната невеста, изјави за НоваТВ , кустос советник Александар Цветковски.

Мачевски најави дека ќе покрене постапка против „Анима Мунди“ кое му го нарушило угледот со тоа што го претставило за насилник, а тој како што тврди само спроведувал еден традиционален обичај кога се продаваат јагнињата.


Во зависност од развојот на ситуацијата, тој најави протест во Скопје пред Влада, за што имал поддршка од сточарскиот еснаф од Малешевијата но и од другите краишта на земјава.


Агенцијата за храна и ветеринарство ја осуди и се оградува од постапката на инспекторот од подрачната единица на АХВ во Берово.
Со реакција за случајот се јави министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој рече е згрозен од монструозниот чин.


(М.Т.) Пишува Тв Нова

  Категории: