ПРОМОВИРАНА ПРВАТА МУЗИЧКА ФОЛК СЛИКОВНИЦА ЗА ДЕЦА „СЛУШАМ КАЈ ШУМАТ ШУМИТЕ“

ПРОМОВИРАНА ПРВАТА МУЗИЧКА ФОЛК СЛИКОВНИЦА ЗА ДЕЦА „СЛУШАМ КАЈ ШУМАТ ШУМИТЕ“
ноември 18 14:38 2021

Центарот за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца – Фолконика ја промовираше првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“.

Фолк сликовницата ја илустрира народната песна „Слушам кај шумат шумите“ како прв наслов од циклусот сликовници што ги најавува Фолконика.

-Сликовницата е уникатна со својот концепт, зашто прв пат се прави ваква илустрација на македонска народна песна каква што е „Слушам кај шумат шумите“, која е избор за првиот наслов на фолк сликовницата, направен според анализата на музичкиот соработник, исполнувајќи ги целите, да биде прифатлива и со текст и тема за децата. Целта е да се даде придонес кон зачувување на македонското фолклорно творештво и тоа да им се понуди на децата во една форма, која ќе биде прифатлива за нив, велат од Фолконика.

Сликовницата на своите страници го содржи текстот на песната, но и нејзини нотни записи распоредени според строфите на страниците. За поголемо естетско доживување младата академска сликарка Маја Димитрова направи уникатни илустрации, автентични на текстот од строфите, со кои се заокружува целата приказна на песната за да допре до децата од најмалата возраст. Ликовното и графичкото уредување е на Елена Димитрова.

-Првата фолк сликовница за деца произлезе од долгогодишната работа на фолк естрадата и народната музика, воопшто. Соочени со состојбите, како естраден уметник имав морална одговорност пред нашето национално музичко богатство да дадам уште еден придонес во неговото зачувување и негување, но во еден друг сегмент, сметајќи дека треба да се тргне и да се работи најмногу со најмалите, за да им се пренесе македонската народна песна и да им се понуди форма со која тие ќе ја запаметат, ќе сакаат да ја читаат, слушаат. На таков начин ќе придонесеме младите да го ценат и да продолжат да го негуваат нашето народно музичко богатство. Ова е првата, од серијата фолк сликовници, кои ќе следуваат со избор на нови македонски народни песни, илистрирани во сликовници, вели претседателот на Фолконика, Душко Георгиевски.

Според Бајса Арифовска, музички педагог, музички соработник и инструменталист, проектот Музички фолк сликовници за деца преку кој е реализирана и првата „Слушам кај шумат шумите“, произлезе од заложбите за негување на народното музичко творештво, како национално и културно богатство и наш национален идентитет, што треба да се прави уште кај најмладата популација, од најмала возраст.

-Идејата е децата да се запознаваат со својот идентитет преку музиката која особено за оваа возраст е најприфатлива и може да остане врежана во меморијата. Тоа ќе биде добра основа за градење на националното чувство и припадноста на македонскиот културен идентитет. Водени од ваквите состојби, сметаме дека треба итно да сториме нешто што ќе почне да влијае на промена на ваквата состојба. Едукацијата е најсоодветниот начин да се влијае на промените, но тоа да биде со добро осмислени, нови и интересни форми, со илустрирани ликови од народните песни, за да допрат до детето, да го предизвикаат да ги погледне, анализира со љубопитност, да му предизвика интерес, а не одбивност кон народната песна, смета Арифовска.

Според неа, вака претставени темите и ликовите од народните песни, ќе придонесат и за запознавање на децата со народната носија, убавините на земјата, етно елементите, фолклорните мотиви и значајните историски ликови опеани во песните кои се наш историски белег. Музичките фолк сликовници за деца со првата „Слушам кај шумат шумите“ ќе бидат презентирани и дистрибуирани пред децата во предучилишна и училишна возраст, градинките, воспитно- училишните установи, училиштата, специјализираните едукативни центри, библиотеките,…

Фолконика најавува и онлајн промоции на сликовницата во дијаспората.


  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.