ВЕЛИКИ ПЕТОК -НАЈТАЖНИОТ ДЕН ВО ХРИСТИЈАНСТВОТО

ВЕЛИКИ ПЕТОК -НАЈТАЖНИОТ ДЕН ВО ХРИСТИЈАНСТВОТО
април 30 12:28 2021

Велики петок освен Велипеток уште се вика и Распет петок зашто на овој ден е распнат Исус Христос. Поради тоа овој ден се смета за најтежок празник во годината, тогаш не се работи дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи.

Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.

На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.

Некои, саботата пред празникот, наречена Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнејат.

Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце.

На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата. На Велигден, рано наутро, сите брзаат во црквата да чујат Христос воскресе и да се причестат. По литургијата во црквата се оди на гробишта каде што се остава по едно јајце на гробовите, за и на мртвите да им се каже дека дошол Велигден.

Уште рано наутро децата, убаво облечени, одат по куќите да го честитаат празникот за што добиваат по едно црвено јајце.

Посебна радост претставува обичајот кршкање со јајцата. Притоа тој чие јајце ќе победи му го зема, му го печали или типосува јајцето на другиот што се скршило. Утрото и младоженците одат на честитање кај роднините, а девојките и ергените се подготвуваат за на оро.

Со Велигден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пример, утрото пред да се оди во црквата не смее ниту да се пуши, ниту да се пие кафе. Во некои места кога домаќинот одел во црквата носел и семе од свилена буба за подоцна бубите да не можат да бидат урочени. И кога утрото се истерува стоката на пасење се допира со црвено јајце за здравје.

напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.