НЕ ИМ ВЕРУВАЈТЕ СЛЕПО НА ПОЛИТИЧАРИ, НИ КОГА ВО НАУКА ВИ СЕ КОЛНАТ.

НЕ ИМ ВЕРУВАЈТЕ СЛЕПО НА ПОЛИТИЧАРИ, НИ КОГА ВО НАУКА ВИ СЕ КОЛНАТ.
мај 29 21:41 2020

На политичарите кои се на позиција да носат одлуки во врска со актуелната пандемија најсигурно им е да се претставуваат како обични извршители на научните препораки. А не е така. 

„Ние само ги следиме препораките на науката“, е една од омилените политички фрази во време на пандемијата. Го верглаат тоа секогаш кога треба да ги оправдаат потезите кои ги влечат, кога да се стегнат а кога олабават мерки за претпазливост, кога да донесат одлука дека маските се бескорисни а кога дека се неопходни.

„Да веруваш дека науката има решавачко влијание во политиката е неразбирање на самата наука,“ пишува британскиот социолог од Универзитетот во Кент, Алекс Стивенс.

Науката функционира така што разни истражувачи доаѓаат до различни идеи. Потоа ги тестираат и утврдуваат дека многу од нив – се погрешни. Постојат идеи – на пример дека човечката активност влијае врз промена на климата – кои биле тестирани толку темелно што се неспорни. Но, кој е најдобриот начин да се справиме со виралната пандемија не е во редот на таквите идеи.

Не постои еден „научен“ пристап во борбата против ковид-19. Различни земји одговорија на различни начини. Хонг Конг никогаш не воведе затворања и карантини, Нов Зелапнд пак, воведе социјална дистанца рано и ригорозно. Сите тие различни пристапи, од Германија до Сингапур, беа формирани на некакви научни сознанија, но резултираа од политички одлуки.

По светов, научниците создадоа епидемиолошки модели базирани на она малку што се знае за ковид-19. Мали промени во првичните претпоставки доведуваа до огромни разлики во претпоставениот исход и резултати. Британската влада, на пример, реши да го усвои моделот на Империјалниот колеџ. Да усвоеше некој друг, исто така научен, на пример оној од Оксфорд, приказната ќе беше поинаква.

Алекс Стивенс препорачува голема доза претпазливост кога политичари ве уверуваат во објективноста на советодавните здравствени тела на кои ги потпираат своите одлуки. Затоа што од лично искуство знае дека во такви тела не влегуваат оние научници кои ги критикувале политичарите кои ги формираат таквите тела. Тој има дадено оставка од своите позиции кога сфатил дека негови колеги кои по стручноста и тоа како се квалификувани да учествуваат во такви тела, биваат игнорирани само затоа што некогаш критикувале некој битен политичар. 


А не е проблематично само тоа. Министри знаат селективно да фаворизираат одредени сознанија само затоа што ѝ одговараат на сликата која тие сакаат да ја презентираат. А можно е и директно мешање во работата на стручните тела за што се сомничеше главниот советник на британскиот премиер околу работата на надлежните комисии.

Би-Би-Си во март известуваше за тоа како владата му сугерирала на Советодавниот комитет за опасни патогени да го смени статусот на ковид-19, не затоа што стигнале некои научни сознанија на таа тема, туку затоа што станало јасно дека Британија останува без доволни количини заштитна опрема па требало по секоја цена да се избегне правната одговорност околу необезбедувањето на таква опрема.

Извор:off.net.mk

  Категории: