Оаза на мирот и спокојот – место каде што природните убавини се вкрстиле со секојдневието. Раскошните цветови, зеленилото, сенката и жуборот на реката го прават утринското кафе повкусно, а вечерното вино поубаво. Орнаменти од дрво, стари предмети, модерни кутии за цвеќе, сукуленти, кактуси, собни и дворски “убавици” го чинат овој мал простор преголема инспирација за вредни раце. Секоја минута време помината во средување и уредување на оваа рајска градина е гаранција дека секое изгрејсонце и секое зајдисонце ќе бидат магичен коктел за вашето секојдневие.
Неуморно со љубов и пасија на сето ова кажано погоре, секојдневно посветува Илија Брндевски кој подолг период од својот двор во селото Ратево – Берово, создал цветен рај и преубаво катче каде се чувствува мирисот на 350-те растенија со кои Илија го уредува и го декорира своето дворно место.
Во разговор со него ни откри дека како вљубеник во хортиклутурата, во неговиот двор најмногу се присутни кактусите, кои ги има повеќе видови од кои некои се многу ретки, а Илија е токму љубител на кактусите .Како колекционер на растенија, во соработка со други колекционери разменува или купува за да го одржи оваа магично место.Прекрасни декорации од мебел и украси кој сам ги прави исто така го красат неговиот двор, а дополнителен предизвик му е често да ги разместува растенијата и декорациите, што претставува убава гледка секој пат вели Илија. Покрај неговиот двор мине и жубори Ратевска река, што дополнително го прави овој мал рај место за уживање и го ослободува умот од секакви непотребни размислувања.
Секоја ти чест Илија за убаво уреденото и единствено место во Малешевијата, за кое следниот пат ти ветуваме дека ќе дојдеме на посета на кафе или чај, а на читателите ќе им пренесеме видео од твојот малешевски цветен рај.