Во организација на порталот Малеш Нет, денес беше реализирана есенска прошетка за учениците од 5-в одделение при ООУ„Дедо Иљо Малешевски“ во Берово. Околу 15 ученици имаа можност да бидат дел од идејата на порталот, преку прошетка заеднички да се дружат, да се научи нешто и да се прошета низ убавите беровски предели кои пленат со својата убавина.
Од страна на порталот Малеш Нет, исто така беше реализирано и предавање за фотографија на учениците, кои потоа со своите телефони имаа задача да фотографираат слики на тема „Боите на есента во Берово“. Овој вид на тематска прошетка, побуди интерес кај сите ученици, кои со задоволство низ текот на целата прошетка, фотографираа и си разменуваа мислења за направените фотографии.
-Задоволство е кога ги гледаш учениците сите заедно, како се дружат и колку само им е убаво во природата. Навистина интересот за овој вид на едукативни прошетки е голем и учениците имаат желба да научат нешто ново, а од денешната прошетка научија дека телефоните можат да бидат и корисни од некоја страна, како на пример за правење на фотографии. Денешното сонце пак дополнително ни ја разубави прошетката која траеше три часа, со што многу сум благодарен на родителите и самите ученици за оваа реализација. Во иднина секако дека овие прошетки по наша иницијатива ќе продолжат и колку можеме ќе дадеме се од себе, за да станат ваквиот вид на тематски прошетки почести за учениците, а со тоа и повеќе престој во природата која овде во Берово е преубава – рече Сенад Расимов од порталот Малеш Нет.
Во склоп на оваа прошетка, учениците имаа можност да наполнат и чиста изворска вода од кладенчето кај месноста Тоскова ливада, додека во вториот дел од прошетката учениците го испешачија новиот направен пат од туристичката населба Абланица, преку месноста Црвен Брег до градот Берово, што дополнително ги збогати нивните импресии.
Задоволни од денешниот ден, учениците од 5-в одделение пак, на лист хартија ги испишаа своите впечатоци од прошетката и со задоволство ги искажаа позитивните страни на оваа прошетка.
Инаку за порталот Малеш Нет ова е втора реализација на вакви тематски прошетки. Претходната година учениците беа на слична ваква прошетка, со која се запознаа со знаменитостите на град Берово, ги посетија спомениците во градот, им беше одржано предавање за нашите херои и значајни личности на градот, со што имаа посета и на преубавата природа на месноста Јуовец од каде има најубав поглед на нашиот град.
Во продолжение ви претставуваме дел од фотографиите кои учениците од 5-в одделение ги направија на темата која им беше дадена „Боите на есента во Берово“.
Фото: Бојана Голчовска
Фото: Јована Лазаровска
Фото: Лара Поповска
Фото: Јован Чочевски
Фото: Јасна Пипонска
Фото: Ирис Расимова
Фото: Љупче Каламадевски
Фото: Николија Деполовска
Фото: Аделиса Дестановска
Фото: Алексија Кафеџиска
Фото: Ангела Везенковска
Видео и фото од денешниот настан: