(ВИДЕО) ЗА ИСТАКНАТИТЕ ЛИЧНОСТИ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА: АТАНАС РАЗДОЛОВ (1872-1931)

(ВИДЕО) ЗА ИСТАКНАТИТЕ ЛИЧНОСТИ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА: АТАНАС РАЗДОЛОВ (1872-1931)
мај 18 02:28 2023

Атанас Раздолов е роден во 1872 година, во сиромашното семејство Топаловци во Берово. Поминал тешко и несреќно детство. Покрај сиромаштијата, неговото семејство било погодено од голема трагедија. Во 1877 го дина речиси сите најблиски му починале од тешка болест, па малиот Атанас останал сам со својот дедо, кој веќе бил во поодминати години и не можел да се грижи за него. Детето го посвоиле неговите роднини во село Раздол.

(Селото Раздол се простира на источните падини на Малешевските Планини во ти Каршијак, денес во пиринскиот дел на Македонија, во општина Струмјани, Благоевград, Република Бугарија.)

Иван (братучед на татко му) и неговата сопруга Достана. Така малиот Атанас ги добил своите нови родители. Но несреќите не застанале тука. Веќе во наредната 1978 година починал и новиот татко Иван, па Атанас останал сам со новата мајка Достана, со која набргу се вратиле во Берово. И покрај огромната сиромаштија, го запишала во беровското училиште, кое тој со радост го посетувал. Всушност, уште од најрана возраст кај Атанас се истакнувал интересот кон читањето, кон пеењето и кон рецитирањето, па училиштето го завршил со одличен успех. Во чест на мајка си (родена во с. Раздол), која го одгледала и израснала, но и поради краткотрајниот престој во селото Раздол, Атанас го доби прекарот, Раздолчо“, кој подоцна го прифатил и за презиме.

Како и многу други македонски семејства, така и младиот Атанас и неговата мајка, во потрага по посигурен живот, ја напуштиле Македонија и заминале за Бугарија. Се населиле во Ќустендил. Тука, далеку од родното Берово, почнал неговиот мачен емигрантски живот. Атанас го продолжил образованието во ќустендилската педагошка гимназија, каде што, меѓу другите, негов наставник бил и истакнатиот Фолклорист и основач на месното македонско емигрантско друштво, кратовецот Ефрем Каранов, човек со напредни идеи, кој имал големо влијание врз учениците. Во новата средина, Раздолов другарувал со повеќемина прогресивни младинци, меѓу кои бил и соученикот Димо Хаџи Димов.

Спомен биста на Атанас Раздолов во Берово

Ваквата средина и околностите во кои се нашол, придонеле Атанас набргу да ги прифати идеите на револуционерниот социјализам, а со тоа да го забрза и своето политичко активирање. Наскоро станал активен член на македонското друштво во градот. Омразата кон класното потчинување и угнетување, и ставовите што ги манифестирал против ваквиот систем, уште како ученик го довеле во немилост кај властите и кај полицијата, судбина која го следела до крајот на животот. Никогаш не успеал да добие служба и да има пристоен дом и егзистенција. Постојано бил прогонуван, затворан и измачуван, па морал да го менува и местото на живеење. Така, тешкиот емигрантски живот, исполнет со страдања, Атанас го продолжил во Софија. Со доаѓањето во Софија, Раздолов се нашол во една работничка средина, која во голема мера придонела социјал-револуционерните идеи да ги издигне на многу повисоко ниво. Тука се запознал со велешанецот Васил Главинов, првиот пропагатор на социјалистичките идеи во Македонија и основач на Македонската работничка социјалистичка група (МРСГ) во Софија. Набргу станал активен член во неговата група и близок соработник со нејзините членови: Веле Марков. Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Никола Петров Русински, Стојан Стојанов, Андон Шулев, Гиго Дандарот Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и др.

Во 1895 година групата на Главинов го покренала издавањето на првото македонско социјалистичко гласило Револуција”. Организирала и голем број предавања во Софија, на кои главно се говорело за местото, улогата и значењето на социјалистичкото учење, како и за револуционерно-ослободителните движења и борби. Почнувајќи од 20 август 1895 година, секоја недела во просториите на Македонското друштво или во Социјалистичкиот клуб во Софија се одржувало по некое предавање. Најчесто предавањата ги воделе Васил Главинов, Атанас Раздолов. Веле Марков и Андон Шулев. Дел од македонската социјалистичка група: Главинов, Марков, Карев, Хаџи Димов, Русински.

Во своите излагања, Атанас Раздолов директно ја поврзувал национално ослободителната борба на македонскиот народ со социјалната борба на работничката класа. Под псевдонимот, дедо „Раздолчо”, тој станал еден од најактивните учесници во социјал-револуционерното движење во Софија. Токму во оваа 1895 година Раздолов се запознал со апостолот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев и станал еден од неговите најверни соработници. Нивното трајно, искрено и верно пријателство траело сè до смртта на Гоце во 1903 година. Најсилното оружје на Раздолов било неговото перо. Пишувал стихо- ви, статии, брошури и книги, главно со теми од револуционерната борба. За потребите на Македонската револуционерна организација (МРО), неговите публикации биле испраќани во внатрешноста на Македонија по специјални курири. Гоце Делчев, во својата коресподенција, редовно ги препорачувал неговите публикации, посебно брошурите за револуционерно воспитување и за мобилизирање на народните маси. Првите публикации на Раздолов се појавиле во 1895 година. Тоа биле книгите: „Песните на востаникот” (Софија, 1895) и „Баба Ѓурга и проза во стихови” (Кустендил, 1895). Поведен од суровиот живот, Раздолов во овие книги јавно повикал на бунт против неправдите и тиранијата.

Од „Песните на востаникот“

Так в срцето македонско

да в’гласим ниј борбата,

срешту племе анадолско

дар зием знамената.

Нек покажем на турчина,

на цинцарја и на грка,

на б’лгарина, на србина

и на всеки што ни брка

Че не ламптим за корони,

за царштина и за слава,

не штем да сме ниј барони

в македонската држава.

Но се трудим да в ведем братство,

равенство, свобода!

трудим се да сздадем

љубов мила в народа!

Трудим се и верваме

че в борбата ште успеем:

надеждата не губиме

скоро песен ште запеем.

А. Раздолов

Веќе во наредната 1896 година, во Софија објавил нови книги: стихозбирките ,,Срдечни воздишки за несреќна Македонија” и “Долу Султанот! Да живее Македонија!”, потоа книшката „Обраќање кон свирепа, гнила и заблудена Турција“ (со комбинирана публицистичко-поетска структура), а во Сливен, во коавторство со Михаил Хаџи Гребенаров, го објавил и документарниот труд, насловен како, „Примери за ослободувањето на Македонија“. Повод за европската окупација на Солун. „Материјали за трагедија во III дејствија.”Од овој труд подоцна произлегла и нивна заедничка драма.

Во 1897-1898 година, Атанас Раздолов се огласувал со свои написи и во весниците ,,Малешевски балкан” и “Политическа свобода” (новиот гласник на МРСТ), а на првомајските празници во Софија држел говори, нагласувајќи дека Македонија ќе се ослободи само со меч и со оган”.

Целокупната белетристика на Раздолов била составлена под влијание на народната литература. Претставувајки се како револуционер кому „поезијата му е оружје во борбата против поробувачите”, тој ги поттикувал Мекедонците на оружен отпор со сопствени сили да ја извојуваат својата национална и социјална слобода. Со овие идеи се задоени и стихозбирките „Слобода или смрт” (Сливен, 1898) и „Во спомен на Дело ИЉо Војвода”, како и неговите книшки со публицистичко-поетска структура „Злото во Турција“ и „Спомени и воздишки за Трајко Китанчев” (објавени во Софија во 1898 г. Некои негови публикации низ периодиката се појавиле и под псевдонимите “А. Смерчо” и .А. Клепанов”

Атанас Раздолов, Сотир Атанасов и Никола Зографски

Во периодот од 1897 до 1899 година Раздолов бил мошне активен. Во овој период престојувал во Сливен, во Јамбол, во Ќустендил, а во август 1898 година престојувал и во родната Македонија, при што го посетил и Скопје. Во 1899 година Раздолов се оженил со Шчољана Атанасова, Бугарка од Софија, која станала негов животен сопатник и до крајот на животот вредно и предано го следела и го поддржувала во сите негови идеи и планови.

Во 1902 година таа му родила ќерка, на која и го дал името Брегалница, со што Раздолов уште еднаш ја потврдил приврзаноста и љубовта кон родниот крај. Поради извршување одредени задачи, во 1900 година Радлов престојувал во Ќустендил, каде што ја објавил малата прозна публикација „Ќе дадеш и да нејќеш”. Во неа, покрај другото, порачува: „Тешко и горко на оние кои тргуваат со своето македонско дело”.

Атанас Раздолов имал храброст јавно да ги посочува и остро да ги критикува главните виновници за страдањата на народот. Така, во 1901 година, во едно отворено писмо до претседателот на Врховниот македонско-одрински комитет Борис Сарафов, Раздолов остро се изјаснил против бугарскиот цар Фердинанд I. Поради тоа набрзо бил уапсен и осуден за навреда на бугарскиот цар.

Извадок од радио-драмата

Анархист на перото

од Владимир Плавевски:

АТАНАС:
-Јас сум „анархист на перото“.

СУДИЈАТА:
-Повторете… Кој сте вие?

АТАНАС:
-Јас сум Атанас Раздолов, роден во 1872 година во Берово, во сиромашно семејство на Топаловци чија куќа била во трапот на црквата Св. Илија. Моите биле земјоделци и сточари и со крв го печалеле својот леб.

СУДИЈАТА:
-Воспитание?

АТАНАС:
-Израснав во бунтовното гнездо на Дедо Иљо Малешевски, Димитар Попѓеоргиев Беровски и Никола Петров Русински, во пазувите на Македонија која офка под крвожедниот јарем на уште покрвожедниот Босфорски ѕвер – Султан Хамид.

СУДИЈАТА:
-Престанете со поетски изразувања! Ова е суд!… Кажете го точно вашето формално воспитание?!

АТАНАС:
-Четири години основно образование… Како дете бев пргав и многу љубопитен, убаво пеев и рецитирав и покажував голема наклонетост кон книгата.

СУДИЈАТА:
-Бидете кратки и прецизни!

АТАНАС:
-Потем, емигрирав во Ќустендил, но секогаш во мислите и во срцето го носев моето Берово…
-Како седумнаесетгодишник се запишав во Педагошкото училиште и го завршив во 1895 година, можете да запишете, со одличен успех… Да, со одличен успех!

СУДИЈАТА:
-Зошто уште како ученик сте биле на листата на непожелните?

АТАНАС:
-Мислите, на непожелната листа на власта и полицијата?

СУДИЈАТА:
-Одговорете!

АТАНАС:
-Се родив со нескротлив дух, се доев со револуционерни идеи и …

ВРАТАРОТ:
-Бевте член, активен член на Македонското друштво во Ќустендил и на Педагошката академија ?!

АТАНАС:
-И бев повеќепати тепан, активно претепуван од полицијата.

СУДИЈАТА:
-Што сте работеле, потем, во Софија?

АТАНАС:
Заработував корка леб за гол живот.

СУДИЈАТА:
-Дали ви се познати лицата Васил Главинов, Веле Марков, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Ѓиго Дрндаров, Стојан Стојановски?

АТАНАС:
-Заборавивте меѓу нив да ме вброите и мене.

СУДИЈАТА:
-Значи, признавате дека сте член на оваа „Македонска работничка група“ устроена како комуна на Македонска работничка група која се претставувала како идеен предводник на македонското национално движење?

АТАНАС:
-Да, да и да!

СУДИЈАТА:
-Дали знаете кој го напишал оватанас: „…Револуцијата не е дело на чорбаџиите туку дело на сиромасите кои непосредно го чувствуваат жестокиот гнет на турскиот деспотизам и затоа тој народ треба да биде носител на вооружено востание. За да се воспостави ова потребно е внатрешна народна организација, усмена и писмена агитација…“ И така натаму и така натаму…

АТАНАС:
-Дали знаете дека тоа го потпишал Атанас Раздолов?

СУДИЈАТА:
-Значи, признавата?!

АТАНАС:
-Да, признавам, дека ме судите за глупост!

СУДИЈАТА:
-Внимавајте обвинет, вие го навредувате Неговото Царско Височество, Кнезот Фердинанд!

АТАНАС:
-За вас се е можно.

СУДИЈАТА:
-Дали сте напишале отворено писмо на 01.06.1901 година до бившиот претседател на Македонско-одринскиот комитет, Борис Сарафов?

АТАНАС:
-Секако…

СУДИЈАТА:
-Прочитајте го… Делот каде што зборувате за делото на Борис Сарафов!

АТАНАС:
-… „Ако на мракобесните државни крунисани глави кои прават оросписка политика …

СУДИЈАТА:
-Прекинете!

АТАНАС:
-… и оросписка дипломатија и се курваат со судбината на човештвото…

СУДИЈАТА:
-Пресуда на Прокурорскиот надзор на Окружниот суд! Станете!… И вие, господине Раздолов! Реков, станете !!
-Од писмото на обвинетиот А. Раздолов се гледа дека овдеприсутниот обвинет А. Раздолов, стар дваесет и девет години, од Берово, Малешевско, Македонија, ја навредувал личноста на Неговото Царско Височество Кнезот Фердинанд и ги заплашувал судските органи за водење на делото…

АТАНАС:
-… За водење на недело!…

СУДИЈАТА:
-… на поранешниот претседател на Македон-Одринскиот комитет Борис Сарафов. Поради овие докажани дејства А. Раздолов се казнува со член 120 и 302 н.2 од н. закон како и по основа на член 26, 282, 291 и 292 од Граѓанскиот закон, издание на Прокуросниот надзор на Софискиот Окружен суд. Во град Софија, на 26.06.1901 год.

АТАНАС:
-… Стиховите кои не се потчинуваат потполно на режимот на правилото за стихотворење, се нарекуваат произволни, но тоа не им пречи да творат вистинска поетска мисла…

ЧУВАРОТ:
-Казненик, што пишувате?

АТАНАС:
-Стихови.

ЧУВАРОТ:
-Кој ви дозволи?

АТАНАС:
-Анархистот на перото.

ЧУВАРОТ:
-Кој е тој?

АТАНАС:

-Јас.

(Објава на: Македон)

Но и во затворот неговото перо не мирувало. Таму ја напишал книгата .. Револуционер или предавник”. Веќе во следната, 1902 година Раздолов бил интерниран во селото Ени Мале, блиску до Јамбол, каде што во 1903 година, по повод загинувањето на идеологот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, ја објавил стихозбирката „Бунтовни песни на револуционерот-емигрант”. Во оваа збирка ја поместил и песната посветена: ,,На револуционерот организатор Гоце Делчев”. Раздолов му бил целосно посветен и приврзан на делото на Делчев и одбивал да им служи на софискиот двор и на врховизмот.

Фото: Macedonia: A true endless story..

Во текот на 1904 година Раздолов престојувал во Варна, каде што го објавил сатиричниот расказ ,,Злополучниот крај на д-р Керпичевата свадба”, а во Сливен ја објавил и стихозбирката „Злото во македонското свето дело”. Тешкиот живот насекаде го следел Раздолов. Со семејството повторно се вратил во Софија, каде што западнал во многу лоша материјална состојба. Опстојувал во услови на крајна мизерија, во која не можел да ги задоволи ниту основните потреби за преживување. Сепак, ваквата положба му ја ублажил основоположникот на македонската драма и театар Војдан Чернодрински, кој во 1906 година го вклучил во работата на својот театар. Во овој период Раздолов ја објавил книгата „Зошто клинка македонско-одринското дело” (Кустендил, 1906), во која аналитички обработил одреден прашања од работата на Македонската револуционерна организација, а набргу потоа и книгата со автобиографски карактер „Пред вратата на министерот” (Софија, 1907).

Во 1908 година, по дадената амнестија од страна на Младотурците, Раздолов престојувал во Солун. И тука се огласил со свои написи, кои објавувал во весникот „Конституциона зора” (официјален орган на МОРО), а потоа следната годинаи во весникот „Народна волја“ (орган на народната федеративна партија). Во 1911 година во Софија, ведно со Михаил Хаџи Гребенаров, Раздолов ја публикувал драмата во три дејствиа „Бунтот на убавата Богданка и убиството на францускиот и на германскиот кон на 25 април 1876 година”.

Атанас Раздолов активно учествувал во Балканските војни од 1912-1913 година. Бил доброволец во Седмата кумановски дружина од Втората бригада на Македонско-одринскиот доброволен корпус на бугарската армија, под команда на потпоручник Георги Светогорски, за кој напишал и песна по неговата смрт, во јуни 1912 година.

По истерувањето на Турците, Раздолов се вратил во Берово. Согледувајќи ја новонастанатата состојба во Македонија, промената на властите тој ја искоментирал со познатата алегорична мисла. „Од трн – на глог“. Со тоа јасно им навестил на своите малешевци, колку ќе се промени нивната положба по воспоставувањето на новата власт на „ослободителите”.

Македонските револуционери и социјалисти, кои останале доследни на самостојноста на македонското ослободително дело, биле тешко погодени од распарчувањето на Македонија. Меѓу нив бил и Атанас Раздолов. Распарчувањето на Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија, тој ја доживеал како огромна трагедија на својот народ. Во врска со тоа, во една од своите книги, истакнал: Азь мисля, и дълбоко съмъ убѣдень, не единъ народа, като македонския, който се е родиль и живѣлъ въ непрѣеданни борби, нема така льсно да се покори на сегашната си сьдба.

(Јас мислам и длабоко сум убеден дека еден народ, како македонскиот, кој се родил и живеел во непрестајни борби, нема така лесно да се покори на сегашната судбина.” )

Поттикнат од ваквата судбина на Македонија, во последното негово дело „Иднината на Балканскиот Полуостров” (Варна, 1914), со кое се потврдил како доследен борец за слобода и рамноправност меѓу народите, Раздолов уште еднаш предупредил дека пред иднината на Македонија и Балканот стојат две алтернативи: или федеративна балканска република, или судбината на Полска”. Во оваа книга тој апелирал до балканските држави, да ги напуштат крвопролевањата и да се обединат во една заедничка демократска балканска федерација. Атанас Раздолов кратко време живеел во Берово, но доволно долго за да остане во сеќавњата на беровци. Во тој период најмногу се дружел со шивачот Јован Двојаковски, со зографот Гаврил Атанасов, потоа со Ефтим Здравковски, со Ацо Клинчаре, со Маноил Врговски и др. Но, не можејќи да го издржи огромниот притисок и заканите од страна на те власти, крајно разочаран од социјалната положба во која се наоѓал и од неостварувањето на неговиот идеал – создавање слободна и независна македонска држава, на 29 август 1919 година тој повторно заминал за Бугарија. Овие години веќе имал сериозни проблеми со видот и постепено се оддалечувал од читањето и пишувањето.

Насловната страница од „Иднината на Балканскиот Полуостров”

Интересен е настанот од август 1923 година, кога во црквата „Недела” во Софија, биле пренесени моштите на великанот на македонското-револуционерно дело Гоце Делчев. За овој настан говорела Лика Чопова, внука на Делчев, ќерка на неговата сестра Руша Делчева Чопова. Таа, покрај другото, нагласила: „Тогаш ние живеевме во Горна Џумаја (Благоевград). Христо Денчев, најмалиот брат на Гоце, Руша, сестрата на Гоце, нејзиниот син Тодор Чопов и ќерката Лика, пристигнаа во Софија кај црквата ,,Света Недела” која беше преполна со Македонци, кои полека се приближуваа и жално гледаа во лафетот на кој беа коските на саканиот Гоце Делчев, заградени со многу венци.

Луѓето излегуваа од црквата во дворот, кој беше полн со попови, владици и познати врховисти. Ја поздравуваа мајка ми, ја потчукнуваа по син Тодор и жално гледаа рамото и и велеа: -Браво, Рушо, ти си го родила вториот Гоце, Тодор многу личи на Гоце. Тие врховистички раце по еден месец беа окрвавени во убиството што го извршија над Тодор Чопов, внукот на Гоце, кој и самиот беше револуционер, учител, белетрист и артист.

Во дворот имаше маса на која се качи жестокиот врховист Велко Думев, и со висок глас рече: „Ожалостено собрание, денеска ние се собравме да се поклониме пред коските на револуционерот Гоце Делчев. Тој умре, но неговиот заменик Тодор Александров ќе ја ослободи поробената наша Македонија.

Стариот револуционер-публицист, Атанас Раздолов, соработник на Гоце Делчев, се проби до масата, го фати за нозете Думев и налутено му викна: -Слези, предавнику! Како можеш да го споредиш Гоце со Тодор Александров, тој крвопиец на сиромашниот поробен македонски народ. Веднаш скокнаа соработниците на Тодор Александров и го избркаа револуционер Атанас Раздолов. Потоа настана голема тишина. Тогаш чесните Македонци ја сфатија злонамерната политика на врховистите.”

Разочаран од животот и крајно депримиран, Раздолов често наоѓал утеха во алкохолот. Во таква состојба, во еден пролетен ден 1931 година, два месеца по смртта на неговата сакана сопруга Шчољана, на нејзиниот гроб во Софија, Раздолов си го одзел животот.

Плач’т на Македонија

От врх Пирин планина

Отчајан глас се чува

Македонија плаче,

Ридае и проклина,

Европа цела псува:

,,Проклета и триж клета

Да б’деш ти Европо

Блуднице Вавилонска,

Крвнице македонска

Русијо, мила сестро,

Ела ми ти на помошт,

Понеже аз загивам,

Англичани и немци,

Италјанци и Френци

Искам да сме под Турци.”

А. Раздолов

Извор: („Од пазувите на Малешевијата“ – Бранко Белдедовски)

  Категории: