11 ДЕКЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА ПЛАНИНАТА

11 ДЕКЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН НА ПЛАНИНАТА
декември 11 12:36 2021

Светот денес го одбележува Меѓународниот ден на планините. Целта е луѓето да се потсетат на важноста од чување и почит кон природните убавини и бројните бенефити за здравјето кои доаѓаат од планинарењето. 

Од исклучително значење е да се потсетиме зошто планините се толку важни, да се потсетиме на нивната улога како обезбедувачи на вода и храна, но и да се разговара за загаденоста, климатските промени и миграцијата на луѓето кои живеат во планинските предели.

Планините покриваат околу 22 проценти од површината на земјата и 13 проценти од светската популација живее во овие предели. Дури 90 проценти од луѓето кои живеат во планинските предели се жители кои доаѓаат од земјите во развој, каде голем дел од луѓето живеат под прагот на сиромаштијата и 1 од 3 лице се изложени на опасност од недоволна храна.

Според ОН дури една милијарда луѓе живеат во планински предели и преку половина од светската популација е зависна од планините за снабдување со вода и храна.

Планините се соочуваат со ризикот кој го наметнуваат климатските промени, а континуираното зголемување на температурите влијае на планинските предели, со големи поплави во одредени региони во светот, како последица од топењето на мразот.

Кога зборуваме за Македонија, слободно може да кажеме дека е планинска земја. Планините се исклучително значајни бидејќи дури 80% од територијата на државата е сочинета од планини. Има околу 40 планини од кои 12 се повисоки од 2000 метри надморска висина, што ја прави единствената држава во Европа со толкав број на планини и планински масиви на својата површина.

Живописни предели, ендемски видови на флора и фауна, кога зборуваме за Македонија зборуваме за држава со исклучително импресивна понуда за планински спортови, за развој на рурален туризам и подневје за научни истражувања. Највисок планински врв е Голем Кораб со својата висина од 2764 мнв, а има дури 85 врва со висина од над 2000 метри.

Чувство на спокој, смиреност и позитивна енергија се првото нешто кое секој човек го чувствува во планина. Природата има моќ да го натера мозокот да ги победи негативни мисли и стресот. Исто така, времето поминато во планина ја зголемува креативноста и ја подобрува нашата способност да донесуваме одлуки. Прошетките во природа се незаменлива физичка активност, со која може да се потрошат од 400 до 700 калории на час, што значи е одличен начин за одржување на витко тело или намалување на тежината. Уште една корист е подобрувањето на самодовербата и полнење со енергија.

  Категории: