ШАХПАСКА: ДНЕВНИОТ ЦЕНТАР ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО БЕРОВО СО ПРОШИРЕН КАПАЦИТЕТ.

ШАХПАСКА: ДНЕВНИОТ ЦЕНТАР ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВО БЕРОВО СО ПРОШИРЕН КАПАЦИТЕТ.
март 12 18:21 2021

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска беше во посета на Општина Берово, при што покрај средбата со градоначалникот Звонко Пекевски, го посети и Дневниот центар  за лица со физичка или ментална попреченост и Центарот за социјални работи.

Министерката Јагода Шахпаска во рамките на посетата на Дневниот центар во Берово каде што неодамна беше направено проширување на постоечкиот објект со реновирани две простории, информираше дека во новореновираните проширени простории ќе можат да се сместат нови 10 корисници со што вкупната бројка на лица кои го посетуваат центарот ќе изнесува 35 лица.

-Денеска заедно со градоначалникот на Берово и директорката на Центарот за социјални работи дојдовме да ги видиме конечно реновираните простори за кои површината се зголемува за 70 м2, со што центарот ќе има зголемен опфат на корисници. Овие центри претставуваат еден од облиците, на кои што МТСП им овозможува инклузија за граѓаните кои имаат физичка и ментална попреченост. Имено со секој од корисниците се прави индивидуален план за нивно вклучување во општествениот живот, исто така се организираат и групни активности, кои што одговараат на нивните потреби, рече Шахпаска.

Преку реализацијата на ваквите проекти и концептот „Едно општество за сите“, сите граѓани според министерката на еднаква основа треба да учествуваат во општествениот и јавниот живот согласно нивните барања. Во таа насока додаде дека Министерството за труд и социјална политика во изминатиот период покажало сериозна грижа за оваа категорија граѓани, при што во собраниска процедура ја напомена измената на законот за социјална заштита која според неа ќе се овозможи возрасната граница за лични асистенти од 18 години да се спушти на 6 години.

-Тоа значи дека лицата од 6 до 65 годишна возраст ќе имаат лични асистенти, со кои што ќе можат да бидат вклучени во секојдневните активности, преку посета на најразлични настани, за да се чувствуваат како рамноправни граѓани во нашето општество. Дополнително работиме во завршување на законската легислатива во делот на подготвување на правилник за Меѓународна класификација на функционалноста, која што попреченоста ја дефинира како човеково право, а не како медицинска дијагноза. Врз основа на оваа класификација ќе се регрутираат сите потреби на лицата со попреченост независно дали се работи за здравствени потреби, социјални потреби или образовни потреби, додаде Шахпаска.

На крајот министерката дополни дека во тек е деинституционализација на лицата кои се сместени во Заводот во Демир Капија кој опфаќа 180 корицници, во Бања Банско и Дневниот центар во Топаанско Поле, при што додаде дека Министерството ќе продолжи со мерки и политики кои што ќе овозможат лицата со ментална и физичка попреченост да бидат активно вклучени во јавниот живот.

  Категории: