Цркви и манастири во беровските селски населби.

Цркви и манастири во беровските селски населби.
март 12 02:22 2018

“Св. Петка“ во с. Русиново

Црквата “Св. Петка” се наоѓа на излезот од селото Русиново, на патот кој води кон селото Владимирово. Таа датира од првата половина на деветнаесетиот век, богата е со икони и записи кои се однесуваат на различни временски периоди. Исто така во ова село може да се посетат уште капелната црква “Св. Архангел Михаил“ од 14 век, а со убавината ќе ве плени и капелната црква “Св. Марко“ каде што се прави курбан (црковно – народен собир) на празникот Голема Богородица на 28 август секоја година.

“Св. Апостоли“ во с. Ратево

Во селото Ратево кое е оддалечено 7 km од Берово можете да ја посетите црквата Св. “Апостоли” . Изградена во втората половина на ХIХ век и слично како и повеќето цркви во Малешевијата располага со многу икони кои пак се испишани со записи од различни временски периоди. Во неа курбан (црковно – народен собир) се прави на Голема Богородица и Илинден, а селска слава е Св. Павле.

“Св.Спас“ во с. Владимирово

Ова село плени со својата стара архитектура. Во центарот на селото се наоѓа стариот Ан кој датира од 18 век и црквата “Св. Спас“ од 1843 г. која што освен црква низ времето била и училиште и полициска станица. Во црквата е откриен “Летопис на црквата на Св. Вознесение Христово“. Селска слава е Св. Спас, а курбан (црковно – народен собир) се прави на Илинден.

“Успение на Пресвета Богородица“ во с. Смојмирово

Во селото кое е најблизу до Берово, т.е. оддалечено е само 3 km од Берово, можете да ја посетите црквата “Успение на Пресвете Богородица” кој што е изградена во 1909 година на местото на кое имало стара црква. Црквата е слична со црквата “Св.Спас“ во с. Владимирово. Селска слава е Св. Троица.

“Св. Атанас“ во с. Мачево

Во Мачево,најмалото беровско село, се наоѓа црквата “Св. Атанас“ која што според натписот над западниот влез е изградена во 1932 г. на местото на постара црква. Селска слава е Св. Атанас, а курбан (црковно – народен собир) се прави на Илинден. Исто така во ова село може да се посети и археолошкиот локалитет познат како Мачевски Чуки – могли од римско време. Тој располага со тули кои имаат неправилна форма, печени се и бојата им е црвено кафеава. Тие се ископани од малата чука која се одрони при пробивањето на новиот пробиван пат Берово – Кочани.

“Св. Ѓеорѓи“ во с. Будинарци

Во селото Будинарци е зачувана уникатна селска архитектура од 18 век. Тука може да ја посетите црквата “Св. Ѓорѓи“ изградена во 1857 година. Црковно – народен собир се прави на Илинден и Митровден. Селска слава е Света Пресвета. Западно од селото се наоѓа капелната црква “Св. Ѓорѓи“, каде што на Ѓурѓовден се прави црковно- народен собир. Покрај капелната црква има извор на света вода, каде што многу луѓе наоѓаат утеха на своите маки.

“Св. Илија“ во с. Митрашинци

Во селото Митрашинци можете да ја посетите најголемата црква во општината “Св. Илија“ но нема податоци за периодот кога е изградена. Според еден натпис во црквата, таа е живописана во 1894 г.  Оваа црква е единствена во Малешевијата, чија што внатрешност е целосно фрескописана.

“Пресвета Богородица“ во с. Двориште

Во селото Двориште, најоддалеченото село во Малешевијата од Берово. можете да ја посетите црквата “Пресвета Богородица“ изградена во почетокот на 20 век од преселници од Рибница, Пиринска Македонија. Интересен е обичајот Сурова, кој што се прави ноќта на 13 спроти 14 јануари секоја година. Селска слава е Мала Богородица, во народот познат како Рожен, а курбан (црковно – народен собир) се прави на Илинден.

  Категории: