ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ „МАЛЕШ“ СО НОВИ ЗАСИЛУВАЊА И НОВ ТРЕНЕР ГО ЗАПОЧНУВА УТРЕШНИОТ СТАРТ НА НОВАТА ФУДБАЛСКА СЕЗОНА ВО ТРЕТАТА ЛИГА – ИСТОК.

ФУДБАЛСКИОТ КЛУБ „МАЛЕШ“ СО НОВИ ЗАСИЛУВАЊА И НОВ ТРЕНЕР ГО ЗАПОЧНУВА УТРЕШНИОТ СТАРТ НА НОВАТА ФУДБАЛСКА СЕЗОНА ВО ТРЕТАТА ЛИГА – ИСТОК.
септември 10 17:55 2022

Со поминати 40 дена професионални припреми и работа на високо ниво на дисциплина и одговорност, нашиот фудбалски клуб Малеш од Берово, утре ја започнува новата фудбалска сезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток.Почетокот на натпреварувањето ОФК „Малеш“ ќе го стартува со многу новитети, засилувања, нов тренер и негов помошник, а клубот како што додаде тренерот, располага со 18 подеднакво квалитетни фудбалери.

За шеф на стручен штаб е назначен долгогодишниот играч и капитен на клубот Митко Пачемски, кој покрај функцијата ќе има улога и на фудбалер. За негов асистент и десна рака е исто така поранешниот играч Радински Бојан, кој се враќа во својство на фудбалер.
Повратници покрај нив двајцата се: Илија Шонтевски, Кирил Черговски, Гоце Биковски а трите нови засилувања се: Стојановски Андреј кој е продукт на школата на Фк Работнички, Исмаили Мухамед, продукт на шампионот од изминатата сезона Фк Шкупи и Мирчовски Давид – дете од Малешевијата кој потекнува од школата на Словенскиот клуб, Фк Копер.

Со сите фудбалери за прв пат се потпишани договори за тековната полусезона, а според наши сознанија и во текот на подготвителниот период имало писмени преддоговори кои заклучно вчерашниот датум се исплатени на сите фудбалери до еден.Од изјавите на Пачемски и Радински што ги имаме, добивме впечаток дека клубот работи и може да работи професионално и одговорно, иако има и работи кои недостасуваат има место за корегирање, но веруваат дека со труд можат да се надминат сите недостатоци.

-Во секој натпревар ќе влеземе максимално сконцентрирани и со желба за победа, давајќи го последниот атом од својата сила. Полусезоната е долга и пред нас ќе имаме многу за работа.Од натпревар во натпревар верувам ќе бидеме се подобри ќе чекориме смирено и кротко, без еуфорија. Од минатите сезони имаме многу научено и ги имаме увидено сите грешки, така да, овој пат одиме чекор по чекор и ќе видиме деновите пред нас што ќе ни донесат.
Најважно од се е дека сите фудбалери се подеднакво, максимално подготвени и нема ниту еден повреден, што е знак дека припремите се завршени успешно.
Сега останува најбитното, а тоа е натпреварувачката сезона и да видиме како ќе се одвива се понатака.Противникот ни е познат и го почитуваме максимално. Имаме одлична комуникација со нив како клуб, ќе имаме добар терен за игра, а наше останува да се надигруваме и да ги радуваме нашите Беровчани во секој еден натпревар – истакна Митко Пачемски тренер на ОФК Малеш.

Нашиот фудбалски бисер Малеш, утре во првото коло во рамките на ТМФЛ со почеток од 16 часот, ќе му гостува на ФК „Карбинци“ со кој клуб на градскиот стадион претходно одигравме пријателски натпревар, каде што момците од фудбалско Берово со победа од 4:1 покажаа моќна и амбициозна игра.За утрешниот почеток на фудбалската сезона на нашите момци од Малеш им посакуваме многу успеси и победи.

Еве ги и натпреварите за утрешното 1 коло во ТМФЛ – Исток, кои започнуваат во 16 часот:

1. Академија Чешиново Облешево – Брегалница Делчево

2. Карбинци – Малеш

3. Осогово – Победа Валандово

4. Вардарски Победа – Тиверија

5. Рудар – Дојранско Езеро

6. Овче Поле – Спартмани

  Категории: