СО МНОГУ ЕМОЦИИ И ТАГА ВО БЕРОВО ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВОИЗГРАДЕНАТА УЛИЦА “ЖАН КОФОЛ”

СО МНОГУ ЕМОЦИИ И ТАГА ВО БЕРОВО  ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА НОВОИЗГРАДЕНАТА УЛИЦА “ЖАН КОФОЛ”
мај 25 15:00 2022

Со многу емоции и тага денеска во Берово е пуштена во употреба новоизградената улица ,,Жан Кофол”. Улицата е именувана по прерано загинатиот пожарникар од Словенија, кој загина веднаш по враќањето во родното место, по доброволниот придонес во Берово и Малешевијата во гаснење на пожарите кои избувнаа во август 2021 година.

На самата свеченост на пуштање во употреба на улицата, присуствуваа родителите и роднини на Кофол, припадникот на доброволното противпожарно друштво од Словенија, Дани Болтар, кој заедно со Кофол, учествуваше во гаснење на пожарите, советниците од Советот на општина Берово, пожарникари од ТППЕ Берово и граѓани.

Во рамки на настанот, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски заедно со родителите на Кофол, ја пушти во употреба улицата, спуштајќи го платното на кое беше напишано ,,Улица на пријателство. Воедно истакна дека Кофол ќе остане вечно запаметен во Берово и Малешевијата, не само со именување на улицата, туку и по неговата храброст и пожртвуваност и по неговиот доброволен придонес во гаснењето на пожарите кои избувнаа во август 2021 година.

-Сакам во името на Општината и Советот на О.Берово, да им посакам на граѓаните да ја користат новата улица и секако особено сакам секојпат да го има во вашите срца името на почитуваниот пожарникар Жан Кофол. Со тоа да му оддадеме спомен и едноставно секој пат, поминувањето по улицата да ни буди спомени за неговото дело и неговата пожртвуваност која ја даде, во пожарите кои ги зафатија општините Берово, Пехчево и Делчево во месец август 2021 година, рече Пекевски.

Родителите на Кофол упатија благодарност до градоначалникот, за преубавиот гест, кој го направи, преку кој името на нивниот син, вечно ќе стои на улицата во Берово и секако до сите, кои на некој начин допринесоа улицата да биде преименувана.

-Навистина сме пријатно изненадени и нашите чувства за сето она што е направено се неопишливи, голема благодарност за се. Сакаме да потенцираме дека тој донесе само пријатни моменти од Берово и од Малешевијата, особено беше изненаден од гостопримливоста на луѓето тука, додаде семејството на Кофол.

Дани Болтар, пожарникар кој заедно со загинатиот Кофол учествуваа во гаснењето на пожарите во Малешевијата и Пијанец додаде дека Кофол бил истакнат пожарникар уште од млади години.

-Тој беше во нашата противпожарна куќа, нашето противпожарно друштво уште од млади години, каде последните две години беше претседател на младинската комисија која врши дејности во соработка со учениците кои доаѓаат во посета на нашата противпожарна куќа, рече Болтар.

Во чест на постхумно одликување, кон ликот и делото на Жан Кофол, на средбата со родителите, која претходеше, Пекевски им додели слика со ликот на прерано загинатиот пожарникар испреплетена со мотиви од Берово и воедно ги запозна со текот на самата иницијатива која добила поддршка од Општинската администрација и Советот.

Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа, во близина на Нова Горица, на 28 септември, еден ден по неговиот 20-ти роденден и само еден месец по враќањето од добровболната мисија во Малешевијата, каде што беше меѓу најмладите доброволци, кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гаснењето на пожарите.

  Категории: