СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БЕРОВО НЕ ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ЗА 2022 ГОДИНА

СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БЕРОВО НЕ ГО УСВОИ БУЏЕТОТ ЗА 2022 ГОДИНА
декември 24 17:56 2021

Беровските советници не го усвоија општинскиот буџет за 2022 година. Поради отсуство на Претседателот на Советот, Стево Суџуковиќ, на денешната 5-та седница одржана во Берово, седум советници од Советничката група на СДСМ гласаа „за“, додека 7 советници од Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата гласаа воздржано, што резултираше гласовите да бидат изедначени, поради што не усвоен буџетот за наредната година. 

По неизгласувањето на одлуката, градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој присуствуваше на Седницата истакна советниците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, денес го искористиле моментот на отсуство на Претседателот на Советот, за да предизвикаат финансиска нестабилност на Општината што според него е врв на политичкото лицемерие.

-Тоа нема да се дозволи, значи мнозинството и коалицијата ќе закажеме нова седница, но навистина сакавме да видиме дали она што во комисиите и секојдневната комуникација беше став и на Советничката група на ВМРО ДПМНЕ, со цел да работиме заеднички за граѓаните, што денес се покажа дека не е така, рече Пекевски.
Потенцираше дека ако не биде донесен буџетот до 31 декември годинава, ќе следува ненавремено финансирање на претхдоно усвоените програми и проекти, поради што нагласи дека нема да се дозволи Општина Берово да биде воведена во непотребни финансиски процеси.

Образложувајки го ставот на Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, советникот Петар Ружински истакна дека има повеќе причини зошто како Советничка група гласале воздржано.

-Една од причините е затоа што не се доволно опфатени социјално-ранливите категории. Приватниот сектор исто така воопшто не е ставен во програмата на Општина Берово. Средствата кои треба да се исплатат на луѓето кои не можат да се справат со пандемијата не се доволни, додека застапеноста на Ромската заедница во институциите, е на многу ниско ниво, рече Ружински.

Нагласи дека СДСМ се мнозинство во Советот и од нив зависат одлуките и посочи дека советниците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ќе ги застапуваат интересите како што тие мислат дека е најдобро.

Според Славица Фурнаџиска од Советничката група на СДСМ, одлуката на опозициската Советничка група е политичка со цел Општината да се доведе во кризна состојба потенцирајки дека не забележала никаква забелешка што е она што според нејзините колеги „боде“ очи буџетот да не биде изгласан.

Следната шанса за да биде изгласан Буџетот за 2022 година, беровските советници ќе ја имаат на 31 декември 2021 година кога е закажана нова Седница за Буџетот.

Инаку после подолг период седницата беше пренесувана и во живо на facebook каналот на Општината, каде над 2000 граѓани ја проследија дискусијата на советниците за предлог буџетот за 2022 година, што покажува ефект и интерес на граѓаните за следење на работата на советниците.

Во продолжение линк од целата седница на Советот:

https://www.facebook.com/opstinaberovo2/videos/661168224906614

  Категории: