СВЕДОШТВО: СВЕКОР МИ ПОЧИНА ОД ПРЕПЛЕТ ЦРЕВА, АМА ПОГРЕБОТ НЕ ЧИНЕШЕ 51.700 ДЕНАРИ КАКО ЗА КОВИД!

СВЕДОШТВО: СВЕКОР МИ ПОЧИНА ОД ПРЕПЛЕТ ЦРЕВА, АМА ПОГРЕБОТ НЕ ЧИНЕШЕ 51.700 ДЕНАРИ КАКО ЗА КОВИД!
април 27 00:06 2020

Пациент на 78 годишна возраст од Кавадарци бил донесен во Скопје поради преплет на цревата, но откако починал во болницата „8 Септември“, на семејството му бил наплатен лимен ковчег, пластична вреќа како да починал од коронавирус, и севкупниот цех на крајот наплатен за оваа фамилија од Кавадарци изнесувал 51.700 денари. Во оваа цена воопшто не влегува гробното место и ископувањето на гробот. Снаата на починатиот маж, во изјава за Слободен печат, тврди дека иако нејзиниот свекор воопшто немал дијагноза за ковид 19, сепак погребалната услуга вклучувала лимен сандак, ковчегот дошол во Кавадарци со возило и воопшто не можело да биде отворен бидејќи бил залемен.

– Беше полициски час, сабота 18 април. Спремивме погребално возило да тргне од Кавадарци до Скопје да го земе телото. На половина пат тоа беше стопирано, ни рекоа мора да го земат од Бутел. Сопругот оди во Бутел, му рекоа дека треба да се погребе истиот ден и плати 51.700 денари. Во сметката има вклучено лимен сандак, покрај него и дрвен ковчег, понатаму пластична кеса, едноставно човекот немаше коронавирус и не ми е јасно зошто цената за погребалната услуга беше толку висока, вели вознемирената наша соговорничка.

Таа додава дека доказ дека свекорот воопшто не бил ниту суспектен за коронавирус било тоа што семејството воопшто не е ставено во изолација, воопшто не им е земен брис, а и во разговор со лекар во болницата и било експлицитно негирано дека пациентот починал од ковид 19.

И вчера Слободен печат објави дека погребот за лица кои починале од ковид 19 е поскап отколку оној што е за основни погребални услуги од други болести. Скопјанец ни ја испрати сметката од погребалното претпријатие Бутел каде мајка му починала од ковид 19.

,,Во Бутел ме информираа дека погребот ќе биде поскап отколку оној што се спроведува за смрт од било која друга болест. Прашав колку е погреб со ковид а колку без ковид. Ми рекоа дека без ковид е 24.000 денари, а со Ковид, поскапо. Немав избор, платив 37.280 денари за погребот и сите пропратни моменти како лимен сандак, пластична вреќа. И 5.300 денари за да се ископа местото. Среќа што веќе имав гробно место, инаку ќе требаше да земам кредит”, вели нашиот соговорник.

Извор:slobodenpecat.mk

  Категории: