РЕЗУЛТАТИТЕ ПРЕЛИМИНАРНИ,НОВ ПАРЛАМЕНТ ЗА 20 ДЕНА.

РЕЗУЛТАТИТЕ ПРЕЛИМИНАРНИ,НОВ ПАРЛАМЕНТ ЗА 20 ДЕНА.
јули 16 16:48 2020

По затворањето на гласачките места на предвремените парламентарни избори 2020, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ има блага предност со освоени 36.13 отсто од гласовите, пред ВМРО-ДПМНЕ која е второпласирана партија со освоени 34.85 отсто од гласовите, според првичните нецелосни податоци на Државната изборна комисија (ДИК) која од вчера вечер се соочува со технички проблеми на нејзината интернет станица поради хакерски напади.

Податоците на ДИК по избројани над 94 проценти од гласовите покажуваат дека на трето место е ДУИ со 11.57 проценти, а потоа следуваат Алијанса за Албанците – Алтернатива со 8.78 отсто, Левица 3.96, ДПА 1.51 и Интегра 1.36 проценти.

Според прелиминарните податоци на ДИК, СДСМ ќе освои 46 пратеници во Парламентот, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците – Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев по гласањето изјави дека победиле со најмалку три пратеници разлика, додека ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека партијата влегува во трка за формирање нова влада. Претседателот на ДУИ Али Ахмети прогласи победа на неговата партија во албанскиот блок.

По затворањето на гласачките места претседателот на ДИК Оливер Дерковски изјави дека изборниот ден поминал во најдобар ред со мали спорадични инциденти.

„Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера, без значителен број нерегуларности“, оценија надлежните по затворањето на гласачките места.

Правото на глас според податоците на ДИК го искористиле околу над 927 илјади граѓани или 51 отсто од запишаните вкупно 1.814.263 гласачи во Избирачкиот список.

Државната изборна комисија регистрира 31.107 неважечки ливчиња на вчерашните предвремени парламентарни избори, според обработени 3.421 од 3.480 избирачки места.

Интернет страницата на ДИК на која се објавуваат резултатите од гласањето и натаму не функционира, откако по вчерашното завршување на гласањето институцијата соопшти дека имаат технички проблем поради надворешни хакерски напади на чие надминување работат нивните ИТ експерти.

Откако ДИК ќе го изработи конечниот извештај од изборите, тој треба да го испрати до Собранието по што ќе биде закажана конститутивна собраниска седница, бидеки според Уставот крајниот рок за формирање на Парламентот е 20 дена по одржувањето на изборите.

Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав Талат Џафери, како што е предвидено во Членот 63 од Уставот на Републиката, а доколку не се закаже конститутивната седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21-от ден од денот на завршувањето на изборите.

Собранието треба да ја избере новата Влада, откако претседателот на Републиката прво ќе го определи мандатот за состав на новиот владин состав.

Претседателот на државата Стево Пендаровски е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието.

„Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата“, се вели во Член 90 од Уставот.

Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Десеттите парламентарни избори поради актуелните услови на пандемија на коронавирусот траеја три дена, а се гласаше со маски и други превентивни мерки според протоколот што го утврдија здравствените институции.

Недобивањето на датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на Ковид -19.

Извор: slobodnaevropa.mk

  Категории: