Реализирана акција за уредување на Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево

Реализирана акција за уредување на Едукативниот центар за зачувување на природата во село Негрево
мај 16 11:17 2022

Во заедничка организација на Општина Пехчево, Македонското еколошко друштво и општествено-одговорната компанија Фармахем, во пехчевското село Негрево се реализираше акција за уредување на дворот на Едукативниот центар за зачувување на природата. Активноста се совпадна со одбележувањето на Меѓународниот ден на семејството, поради што учество зедоа поголем број на граѓани кои со своите семејства дадоа свој придонес во реализација на акцијата.

-Програмата за зачувување на природата заврши со финансиската поддршка за Едукативниот центар,  но еве денес заедно со нашите партнери сакаме да дадеме свој придонес со оваа акција и да упатиме апел на сите општествено одговорни компании да го сторат истото, бидејки и овде во Едукативниот центар и сегде низ државата има вакви катчиња каде што управувачите  немаат доволно средства и ресурси да го направат ова. Се надевам дека оваа акција ќе послужи за пример и ќе се спроведе и од други организации, рече Маријана Шушлевска тим лидер на Програмата за зачувување на природата.

Оваа програма како што додаде, има за цел да и помогне на нашата држава да го зачува биодиверзитетот и природата воопшто, преку одржливо користење на природните ресурси.

-Фармахем од Скопје е координатор на оваа комплексна програма која се спроведува повеќе од 10 години и сега се наоѓаме во завршната излезна фаза од истата. Во првата фаза од програмата Едукативниот центар во Негрево посветен на зачувување на природата беше поддржан од нашиот проект и функционира како место уникатно во нашата држава, би рекла и пошироко, каде што можат деца од различна возраст да научат повеќе за биолошката разновидност и природните вредности што ги има во Брегалничкиот регион, додаде Шушлевска.

Претставникот на еколошкото друштво Рибертина Трајановска додаде дека целта ма денешното нејзино учество е да помогне да се одржи овој Едукативен центар, за да може и понатаму да се користи за едукација на најмладите во насока на зачувување на природата. 

-Како претставник на Македонско еколошко друштво често доаѓаме тука и ја поддржуваме оваа работа. Сметам дека треба почесто да се организираат не само вакви настани фамилијарни, туку и едукативни настани со училиштата, да се промовира овој Центар затоа што има што да понуди, да покаже кои се вредните видови од биодиверзитетот од регионот, да покаже кое е значењето, но и да им даде насоки на луѓето како да се грижат за ова природно богатство, а секако да си поминете и еден прекрасен викенд овде, рече Трајановска.

За Елица Јовевска која со своето семејство учествуваше во акцијата, ваквите акции треба да прераснат во традиционални. 

-Ова е еден прекрасен центар кој ги учи учениците како да ја зачуваат природата. Денес како Меѓународен ден на семејството, сите ние сме дојдени со нашите деца да го обновиме и сочуваме овој едукативен центар и со тоа да им вградиме една традиција дека тоа треба да го негуваат и сакаат, враќајки и на природата за тоа што таа ни го дала нам, рече Јовевска.

Едукативниот центар за зачувување на природата како што додаде раководителката Верица Арнаутовска започна со работа во септември 2018 година и оттогаш најчести посетители се дечињата и возрасните, заради што акцијата за уредување на дворното место, како што додаде е повеќе од потребна.

На настанот учествуваше и градоначалникот на Пехчево, Александар Китански и претседателката на Советот, Виолета Ѓорѓиевска кои изразија благодарност до партнерите со кои заеднички се спроведе акцијата, порачувајки поголем број семејства и училишта да го посетат местото бидејки е одлично место како за рекреација така и за голем број семинари и работилници кои се одржуваат во самиот Центар.

  Категории: