РЕАКЦИЈА НА РОДИТЕЛИ НА УЧЕНИЦИТЕ КОИ УЧАТ ВО ДИСПЕРЗИРАНИТЕ ПАРАЛЕЛКИ ВО ОСУ „АЦО РУСКОВСКИ“ ВО ПЕХЧЕВО

РЕАКЦИЈА НА РОДИТЕЛИ НА УЧЕНИЦИТЕ КОИ УЧАТ ВО ДИСПЕРЗИРАНИТЕ ПАРАЛЕЛКИ ВО ОСУ „АЦО РУСКОВСКИ“ ВО ПЕХЧЕВО
септември 30 10:31 2022

Почитувани,

Како родители на ученици кои учат во дисперзираните паралелки на ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово во Пехчево, сакаме јавно да го искажеме нашето незадоволство од досегашниот тек на наставата во учебната 2022/23 година.

Како прво, во последен момент, односно во петок на 02.09.2022, а дел од учениците дури во недела на 04.09.2022 година во попладневните часови, беа известени дека од понеделник, 05.09.2022 година, наставата ќе ја следат онлајн. Ние како родители, не добивме никакво известување, ниту пак бевме повикани на родителска средба на која ќе добиеме официјални информации

По реакција од неколку родители, класните раководители свикаа родителски средби, кои се одржаа две седмици по почетокот на учебната година. На родителските средби бевме известени дека во објектот во Пехчево во тек се градежни активности кои ќе завршат до крајот на месец септември. На прашањето зошто се чекало не само цел летен распуст, туку и цела претходна учебна година да се санира проблемот, добивме различни одговори – МОН не одобрувал средства, ОСУ„ Ацо Русковски“ немало пари за санација на проблемот, општината е надлежна за објектот во кој се сместени дисперзираните паралелки итн. На родителската не добивме конкретен одговор, ниту пак видовме документ со кој МОН дозволува во дисперзираните паралелки во Пехчево наставата да се изведува онлајн.

Како родители реагиравме и за времетраењето на часовите за време на онлајн настава. Според протоколите од МОН за одвивање на онлајн настава за време на кризата со COVID-19, препораката е часовите да траат 35, наместо редовните 45 минути, од причина учениците да не поминуваат долг период пред електронските уреди преку кои следат настава. Но оваа наша забелешка, никој не ја зеде предвид и часовите продолжија да траат по 45 минути.

Вработените во ОСУ „Ацо Русковски“ нè убедуваат дека нашите деца кои учат во дисперзираните паралелки во Пехчево имаат ист третман како учениците во Берово, но на стартот на учебната година покажаа дека тоа не е точно. На 23.09.2022 година, ОСУ „Ацо Русковски“ го прослави патрониот празник на училиштето. Учениците од дисперзираните паралелки во Пехчево не беа вклучени во никаква активност поврзана со таа манифестација.

Дел од родителите, кои не се сложуваат со одржување на онлајн настава, доставија и барање до ОСУ „Ацо Русковски“-Берово за изнаоѓање на начин за одржување на настава со физичко присуство. Одговорот на барањето беше дека „класните раководители утврдиле дека поголем дел од родителите и учениците имаат разбирање за ваквата состојба“.

Сметаме дека како родители имаме право да бидеме навремено известени и информирани за сè што е поврзано со реализацијата на наставниот процес во кој се вклучени нашите деца. Затоа го повикуваме директорот јавно да се произнесе во врска со нашите забелешки за досегашната реализација на истиот.

  Категории: