ПОЖАР ВО МЕСНОСТА “ДИОВИЦА” ПОМЕЃУ СЕЛАТА МИТРАШИНЦИ И БУДИНАРЦИ

ПОЖАР ВО МЕСНОСТА “ДИОВИЦА” ПОМЕЃУ СЕЛАТА МИТРАШИНЦИ И БУДИНАРЦИ
јули 21 18:50 2022

Гори мешана шума од бука и даб меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци. Командирот на ТППЕ-Берово, Сашко Руменковски вели дека пожарот се шири поради ветерот.

На терен се излезени пожарникарите, како и вработени од ЈП „Македонски шуми“.

-Потребни се дополнителни сили за да се спречи брзо ширење на пожарот, побарано е од Дирекцијата за заштита и спасување, а нашиот градоначалник го побара и специјалното возило за гасење на шумски пожари од Доброволното Противпожарно друштво во Пехчево, вели Руменковски.

Пожарот е регистриран синоќа на сува трева  од страна на вработените на ЈП „Македонски шуми“, но попладнево е раширен поради ветерот. Според Руменковски во моментов нема опасност, по населените места во беровскиот регион, огнената стихија е во планинскиот предел. 

Апел за мобилизација на населението упатија и од Општина Берово со цел вклучување на граѓаните во гаснењето на пожарот за да не се случат минатогодишните апокалиптичните сцени од пожарите во Малешевијата.

Почитувани граѓани,
Во моментот гори голем пожар над селото Митрашинци, над објектите на семејството Валаски. Пожарот може да прерасне во големина каква што имавме минатата година. Апелираме до населението, до граѓаните посебно од селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, да се упатиме во што поголем број доброволци за побрзо гаснење на истиот со цел да не прерасне во големина каква што имавме минатата година – стои во соопштението од Општина Берово.

Компанијата Зегин пак како и секогаш обезбеди бесплатно гориво за сите доброволци граѓани кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарот.Тоа можат да го сторат во бензинската станица Шливка Петрол во Берово.

Сепак последните информации од терен според командирот на ТППЕ Берово, се дека голема површина со околу 50 декари дабова шума моментално гори над селото Митрашинци и пожарот не е под контрола информира командирот на ТППЕ Берово.

-Местото е на огромна далечина од селото па поради лошиот пат до опожарениот дел и моменталниот временски период каде за некој час ќе се стемни, потребната помош од населението и механизација ќе се реализира во текот на утрешниот ден наутро.Голема површина со околу 50 декари дабова шума моментално гори над селото Митрашинци и пожарот не е под контрола истакна командирот на ТППЕ Берово Сашко Руменовски.

Помош во гаснењето на пожарот најавија и од Доброволното Противпожарно друштво од Кочани.

  Категории: