МАЛЕШ НЕТ ИНТЕРВЈУ: ЕТНО ПЛОШТАД ФЕСТИВАЛ АТРАКТИВЕН ЗА ПОЛИТИЧАРИ ОД МАКЕДОНИЈА И ХОЛАНДИЈА.

МАЛЕШ НЕТ ИНТЕРВЈУ: ЕТНО ПЛОШТАД ФЕСТИВАЛ АТРАКТИВЕН ЗА ПОЛИТИЧАРИ ОД МАКЕДОНИЈА И ХОЛАНДИЈА.
август 26 16:21 2018

Меѓу останите посетители на фестивалот беа и пратеничките Лилјана Поповска и Маја Морачанин од политиката партија ДОМ, како и државниот секретар Ана Петровска од истата партија. Истите беа во друштво на една политичарка од Амстердам, од Партијата на зелените од Холандија.

Ги запрашавме за нивните впечатоци од настанот, како и за мотивот, зошто се одлучиле да го посетат Берово, за отварањето на фестивалот.

Г-ѓо Поповска, дали уживате во овогодошната програма и зошто токму Берово е вашата дестинација за овој викенд?

Берово е место за уживање и доаѓам многу пати годишно, носам пријатели, препорачувам. Етно-фестивалот е мелем за сите сетила! Викендов имаме обука за младите на ДОМ во Штип со Зелениот институт и Биро де Хелинг од Холандија, па свртевме еден круг преку Берово до Штип. И секако, бидејќи претседателката на Зелениот Институт, Наташа Постоловска Амдију е со потекло од Берово, едноставно не можевме да ја одбиеме примамливата покана да дојдеме на отварањето на фестивалот.

Колку што е информирана јавноста, на чело на Агенцијата за промоција и поддршкај на туризмот е преставник на Вашата партија. Кои се вашите генерални заложби како партија и како Агенцијата работи на промоција на Берово како туристичка дестинација?

Како зелена партија, ДОМ се грижи за заштита на животната средина и за зелена економија, во која спаѓа и еко-туризмот, покрај обновливите енергии, енергетската ефикасност, нула-отпад, органска храна… Се разбира, покрај демократијата, човековите права, социјалната правда и недискриминацијата. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е наша иницијатива и, слободно може да кажам,  една од највлијателните институции за зголемување на туризмот за околу 250 % во последниве години. Токму таа прва почна организирана промоција на Берово и пред домашната и пред странската јавност, затоа што Берово е типичен пример за рурален и еко-туризам, со прекрасни патеки за шетање, извонредна храна и прекрасни срдечни домаќини.

Колку вие, како зелена партија се залагате за зачувување на овој регион и дали имате некои конкретни предлози за развој на Берово и Малешевијата?

Комисијата за туризам на ДОМ уште пред 10-на години започна да организира посети во Берово и дегустација на традиционална храна, како дел од своите програмски активности. Таа ја направи и првата програма за туризам со акцент на еко-туризам во руралните краишта. Државата треба да им помогне на граѓаните од Малешевијата за изработка на апликации за проекти од европски и други фондови, како и во нивно спроведување, зашто потребна е поддршка за инфраструктурата и за водењето бизнис. засега единствено помага во промоцијата преку Агенцијата за туризам, но тоа не е доволно.

Со вас е и преставника на Зелените од Холандија, г-ѓа Росали Смит. Г-ѓо Смит, дали е ова ваша прва посета на Македонија и Берово, кои се вашите првични впечатоци од ова мало туристичко место?

Дојдена сум во Македонија за испорака на обука организирана од здружението на граѓани Зелен Институт, кој, покрај ДОМ, е локален партнер на Фондацијата на зелените од Холандија, Биро де Хелинг.  Втор пат сум во Македонија, но првпат во Берово. Кога возевме накај Берово, уживав во зеленилото што води кон местото, во чистиот воздух. Кога стигнавме, веднаш ја осетив пријателската атмосфера и си купив прекрасни рачно изработени обетки од локалниот пазар! Храната е одлична, посебно ми се допаѓаат локалните производи, кои имав можност да ги пробам. Ја сакам природата и често планинарам, би сакала да се вратам за планинарење, слушнав дека има услови за тоа.

Г-ѓо Морачанин, дали е ова Ваша прва посета на Берово, што најмногу Ви се допаѓа кај нас?

На мое големо задоволство, неколку пати пати имав можност да престојувам во Берово. Она што при секоја посета од ново ме плени е прекрасната природа, гостољубивоста на беровчани и секако, вкусот на автентичните беровски специјалитети.

Г-ѓо Петровска, Вие сте Државен Секретар од неодамна во Министерството за животна средина и просторно планирање. Кои се плановите на Владата и коиректно на Вашата партија за прашањата што се значајни за развој на регионот, како што се дивите депонии во регионот и други горливи проблеми од аспект на заштитата на животната средина?

Министерството за животна средина и просторно планирање спроведува неколку важни проекти во областа на управување со отпадот, заштита на природата и искористување на природните вредности за развој на еко-туризмот во Источниот плански регион. Најдоцна во почетокот на 2019 година со помош на ЕУ фондовите ќе се набават нови камиони и контејери за собирање и селектирање на отпадот; исто така ќе се спроведува постапно затворање и рекултивација на дивите депонии. Затворањето на последната дива депонија ќе заврши откако ќе се пушти во функција регионалната депонија во Свети Николе, чијашто изградба треба да започне во 2019 година. Значи во периодот 2019-2021 година се очекува да се случуваат големи промени во однос на постојната субстандардна пракса за управување со отпад во регионот и конечно да се усогласиме со барањата на ЕУ.

 

 

 

 

 

 

 

 

  Категории: