КОЛУМНА НА ТАЊА АЖДАЈА: СТАДОТО ДРЖАВА

КОЛУМНА НА ТАЊА АЖДАЈА: СТАДОТО ДРЖАВА
август 16 10:04 2022

Држава не може да биде водена од некој кој не знае што значи екосистем / целина меѓу чии составни делови има живи компоненти во меѓусебна интеракција. Затоа не велам систем, туку целина – поимот систем често е сфатен ко обезживотена и механичка структура, а држава не е такво нешто. Некои целини се, на пример: колонија, рој, јато, стадо, итн.

Луѓе кои знаат што значи целина, знаат и дека за да се одржи истата, потребно е да се дејствува во склад со принципите и условите за функцинирање кои се диктирани од самата целина. Тие луѓе исто така знаат дека субјективните желби за тоа како би сакале да функционираат нештата стануваат небитни доколку не се во согласност со принципите на функционирање на целината / екосистемот. Секое дејствување во несогласност со тие принципи е на штета и на целината и на оние кои се дел од неа.

Илузијата дека ако си успешен претприемач или високо-интелектуален политички теоретичар си квалификуван за водење држава, релативно бргу и речиси загарантирано паѓа во вода токму од тие причини. И не е проблем што таквите ги третираат луѓето како животни и стада – проблемот е што тие не знаат што значи стадо и што мислат дека животните немаат достоинство.

Луѓе кои знаат што значи целина се, на пример, земјоделците, сточарите и полјоделците. Тие истовремено управуваат со ресурсите кои им се на располагање и се покоруваат на условите кои ги диктира природата, директно соочувајќи се и со последиците од своите постапки и со непланираните дејства од околината. Тие не бараат виновници за нефункцинирање, туку начини на функционирање. Нивната успешност не се мери во милиони евра и сменети закони за претурање од шупло во празно, туку во број на одржани здрави трла, квалитет на производство, воспоставен циркуларен екосистем за искористување на ресурсите и рециклирање, итн. Тие знаат дека животните имаат достоинство, а стадото е начин за тоа да се зачува, а не изгуби. И нив нема да ги видите во изборните програми на политичките партии, зашто за нив целината е премногу важна за да биде нарушена од човечки сладострастија и среброљубија.
Немам поента, само гласно си размислувам на патот до поентата, пасејќи 🙂

Пишува: Тања Аждаја

  Категории: