ВИДЕО: ЗГРМЕА ТАПАНИТЕ И ЗУРЛИТЕ ВО СЕЛОТО РАТЕВО НА ПРВАТА ЗУРЛАЏИСКА СРЕДБА

ВИДЕО: ЗГРМЕА ТАПАНИТЕ И ЗУРЛИТЕ ВО СЕЛОТО РАТЕВО НА ПРВАТА ЗУРЛАЏИСКА СРЕДБА
август 26 01:03 2022

По иницијатива на нашиот промотор и музичар Милаим Дестановски, кој повеќе од 12 години живее и ја промовира малешевската традиционална песна и култура во САД, денес во селото Ратево за прв пат се одржа зурлаџиска средба.На средбата со своја изведба настапија зурлаџиски оркестри од Струмица,Велес и од градот Петрич во соседна Бугарија.

Како што истакна нашиот сограѓанин Мило кој и самиот е добро познат по свирење на зурла, целта на оваа средба е да се поттикне и промовира древниот инструмент зурла, кој потекнува токму од селото Ратево.

-Оваа средба и овој проект беше планиран уште пред 5 месеци.Еве тука сме заедно со мојот пријател Рич, кој е од Пенсилванија, каде веќе подолг период се промовира звукот на малешевската музика на студентите кои учат.Тука се гости и професионалци на свирење зурла и тапан од Велес,Струмица и една група од Бугарија, кои несомнено ја сакаат зурлата, порасанале со неа и живеат со неа.Целта на денешниот настан, е токму тука во селото Ратево од каде потекнуваат и моите предци кои свиреле зурла, да се слушне древниот звук на селото, да се потсетиме на минатото, но и да ја промовираме уште повеќе традицијата наша, која во идно време поради малиот интерес на младите да учат зурла, а секако и ислеувањето на младата популација, може и да згасне – рече Мило Дестановски.

Ричард Рендал кој живее во Питсбург-Пенсилванија, за прв пат е во Берово на покана на неговиот соработник Мило, истакна дека е воодушевен од Малешевскиот регион, од селото Ратево и Берово, а посебно од културата и историјата која што ја поседува Македонија токму во овие краишта.

-Изненаден сум многу позитивно што сум тука во селото Ратево, а секако и градот Берово.За мене овој дел од балканот е навистина прекрасен, богат со многу историја и култура.Пред шест години почнав да се интересирам најпрво за тапан а подоцна и за зурла, откако го запознав Мило кој ме научи практично се за овие инструменти.Јас сум професор во едно музичко училиште во Питсбург и ова за мене преставува огромно искуство најпрво да се запознам со сите кои одлично ме прифатија, а посебно за музиката која одлично се вклопува со моите очекувања. Добро е да се биде тука денес и да ги слушнам моќните звуци на овие неколку групи коишто се претставија денес во центарот на селото Ратево.Се чувствувам магично, силно и потребно е да престојува човек тука неколку месеци за да ја свати суштината на вашите древни инструменти.Секако дека ќе се вратам повторно овде, бидејќи имате што да понудите – рече гостинот од Питсбург, Ричард Рендал.

Зурлата е најтешкиот инструмент за свирење, но кога се сака нешто нема никаков проблем истакнаа гостите од Петрич во Бугарија, кои со задовлоство дојдоа и се претставија на настанот.Од многуте настапи низ светот велат дека овде е нешто посебно, бидејќи се чувствуваат како дома.Посочија дека себе си во соседна Бугарија се сметаат како Македонци и сите таму така ги нарекуваат.

-Татко ми беше музичар, дедо ми прадедо ми исто така, всушност целата моја фамилија.Свириме доста долго зурла и тапани, како на концерти, на бугарски и ромски свадби, на маскенбали и секако насекаде во светот.Со еден збор цел живот свириме и неможеме да се насвириме.Во Бугарија има многу зурли посебно по нашиот македонски крај, како Разлог, Гоце Делчев, Петрич и тн.Супер беше денешниот настан, селото Ратево е многу убаво и вашите зурли исто така се многу добри.Тешко е да се свири на зурла, како и на другите дувачки инструменти како што се кларинет, труба, саксофон.Тие што свират на обоа на пример и се вработени во државната филхармонија, одат во пензија на 45 години, затоа што повеќе немаат “воздух“, а ние зурлаџиите свириме додека можеме.Тежок инструмент е зурлата, највеќе треба да имаш дарба од Бог и да бидеш здрав – истакна Самир Куртов од Петрич.

За Ратевци пак денешниот настан ги потсети на старите времиња, кога селото ечеше од далеку со зурли и тапани.Ненајавеното изненадување со грмењето на тапанот и зурлата, за кратко време ги собра како постарите така и помладите жители на селото Ратево, кои со задоволство седеа и го слушаа едночасовниот мини концерт на мегданот.Велат дека тоа им недостига во селото, бидејќи токму Ратевските зурли специфични со два тапани се најпознати насекаде, па и од овде потекнува зурлата и звукот кој те враќа назад низ времето.

– Тоа денес што се случи претставува сигнал дека зурлата потекнува од Ратево.Убаво многу и квалитетно свирење.Овде ги знаеме сите зурлаџии на времето, како што се Рифо, Усе, Реџо,Жељо, кога низ селото свиреа со два пара тапани и зурли и се водеше двојно оро.Целото село беше на нозе посебно за празниците Св.Јован,Божиќ и Велигден.Денешниот настан ме потсети на многу моменти од моето детство, кога селото беше живо, сега и зурлаџиите се исселени во Берово, но доаѓаат во своите родни огништа кога има потреба за веселби и многу сме благодарни.Од овде веќе нема зурлаџии, па како белег на ова село треба да се погрижи општината па и државата зурлата да не замине во заборав која многу ни значи на сите Ратевци, а тоа еве и полека ни се случува – рече Јовевски Васко од селото Ратево.

-Вработената во селската продавница ни кажа дека има зурли на мегданот во селото, па јас и моите другари иако сме стари, веднаш дојдовме.За мене зурлата кога свири ме подига од земја.Се присетив на старите мајстори од нашето село, кои денес веќе се покојни а младите како што гледам се помалку сакаат да се занимаваат со тоа.Македонската музика е многу убава, но Малешевската музика е најдобра – рече Јордан Падешки од селото Ратево.

Во рамките на денешната зурлаџиска средба во селото Ратево, присуствуваше и нашиот доаејен на етно музиката Драган Даутовски, кој како специален гостин со задоволство ги слушаше звуците на зурлите и тапаните.

Овој настан во иднина има тенденција да прерасне во традиција, да го промовира селото Ратево и градот Берово и да го продолжи аманетот на старите Ратевци за уникатноста на ратевските зурли, кои надалеку се познати и да остане засекогаш како белег на селото.

Фото галерија од настанот:

  Категории: