ВО БЕРОВО ПРОНАЈДЕНИ РЕДОК ВИД НА БЕЛИ ТАРТУФИ СО ВРЕДНОСТ ОД НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ЕВРА

ВО БЕРОВО ПРОНАЈДЕНИ РЕДОК ВИД НА БЕЛИ ТАРТУФИ СО ВРЕДНОСТ ОД НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ЕВРА
септември 17 01:54 2022

Тартуфите се најценетите и најскапите печурки за јадење во светот. Тие се високо ценета храна во гастрономијата токму поради тоа што се тешко достапни. Растат под земја, и само на одредени области, а во нивното ископување учествуваат свињи кои природно ги мирисаат или кучиња, тренирани токму за таа цел.

Белиот тартуф, кујнскиот дијамант, храната на боговите или јадењето на аристократите, како што сите го нарекуваат, е најценетата и најскапата печурка на светот од една едноставна причина – не може да се одгледува вештачки и единственото живеалиште му е дивината. Најреткиот од сите тартуфи е белиот тартуф.

Специфичната арома на белиот тартуф и лековитото дејство се дел од причините за неговата висока цена, која достигнува и до неколку илјади евра за килограм бели тартуфи, додека црниот тартуф е поевтин.

Токму деновиве во Берово, Валентина копајќи земја за да засади малце магдонос, случајно под нејзиниот лешник, нашла редок вид на бели тартуфи, кои досега не се пронајдени во државата па и пошироко. Валентина ни ја раскажа својата приказна.

-Претходно имав прочитано истражувања и знаев за тартуфите за црниот и посебно белиот тартуф кој е редок и го нема тука, но кога отидов да соберам земја под лешникот за да посадам нешто, почнав да копам и ги видов тартуфите но не ги чепнав, ги оставив и помислив дека се некои паднати лешници под земјата. После два дена во мислите ми доаѓаше нешто дека ова се тартуфи, но самата во себе си велев дека нема шанси да ја имаме оваа среќа да најдеме толку скапи печурки. Не му ни кажав првиот пат на мојот сопруг, па потоа му рекова да отидеме да земеме уште малку земја бидејќи ми требаше. Тој копаше на друго место, јас ги извадив си отидовме накај кампот и му реков еве што најдов. Ако е тоа јас што мислам, тоа е многу вредно. Сопругот беше скептик па ми рече дека ние немаме среќа, бидејќи само лоши работи ни се случуваат во животот – вели Валентина.

Враќајки се накај дома, сопругот на Валентина се јавил на некој познаник и дознале дека овие тартуфи се редок вид, а нивната цена изнесува од 5 до 10 илјади евра за килограм, што навистина за него било запрепастувачко.

-Се вративме дома и нешто се размислував, па се јавив на еден пријател познавач на печурки кој има знаење и за тартуфите и ни рече да ги однесеме кај него за да ги види лично. Не праша дали имаат силна арома, а токму аромата од нив навистина беше многу јака, а еве и сеуште после два дена ја имаат истата миризлива силина.Пријателот наш ги сликаше и ги испрати на еден негов познаник во Италија, кој му рекол дека овие тартуфи ги има во каталог и се од прва класа.Досега се најдени рапави бели, но вакви мазни како нашите сеуште не се најдени. Разговаравме уште со некои пријатели кои имаат контакти и ни потврдија дека ова е редок вид на бел тартуф. Трите бели тартуфи кои ги најдовме се со вкупна тежина од 50 грама, а еден помал мојата сопруга остави во земја за семе, бидејќи така е редот. Човекот од Италија ни рече да провериме дали има уште, затоа што за ваква количина не му се исплатило да доаѓа, јас проверив но немаше други тартуфи. Сезоната на тартуфите како што ни рече познавачот од Италија е од месец септември до декември, пред овие месеци ги нема никако.Цената за килограм бел тартуф изнесува од 5 до 10 илјади евра, додека за уникатни видови цената достигнува и до 50 илјади евра за една печурка – додава Орце.

Скапоцените печурки на Валентина и Орце, сега бараат потенцијален купувач. Иако се само три велат нивната намена како што се информирале во медицината се користи за обновување на мозочните клетки, а нивната големина од тој вид може да достигне од 2 до 8 сантиметри највеќе.

-Е сега печурките ги имаме, но немаме кој да ги купи. Во Македонија сеуште не е пријавен случај на најден бел тартуф од ваков вид.Во Хрватска далечната 1999 година има најдено бел тартуф.Јас имам чичко во Скопје, кој е голем познавач, пишува и има издадено книги за печурки, беше изненаден и ми рече дека не знае што да ми каже, бидејќи ова прв пат се случува овде да се најде ваков тартуф. Имам познавање дека тартуфите се бараат со посебно тренирани кучиња или со свињи, не може да го најдеш туку така. Никнуваат под благородни дрвја, а нивната големина може да достигне од 2 до 8 сантиметри највеќе. Кај нас ова е случајно, еве сега ги чуваме во фрижидер поставени на хартија која секојдневно ја мениме. Како што можев да прочитам, нивната намена особено во медицината е присутна, се прават силни лекови од нив кои ги обновуваат на мозочните клетки, за тоа се и толку скапи. Исто така се користат како зачин за готвење, каде доволно е само еден грам да се стави во јадење за да го добие потребниот шмек. Кај нас не се употребува. Црниот тартуф повеќе се употребува, бидејќи повеќе го има и најчесто го имаме како понуда во ресторани. Неговата цена моментално на пазарот е 1000 евра за килограм, но овој што го најдов е редок и затоа неговата цена се движи од 5 до 10 000 евра за килограм – рече Валентина.

Гинис бележи дека најголемиот примерок, од 1,310 кг го набрал Giancarlo Zigante од Истра, во 1999 година, со помош на своето куче Дијана. Истра е едно од најголемите и најдобри наоѓалишта, а среќниот пронаоѓач успеал да направи угостителска империја, па се одлучил на тартуфите да им направи споменик. Некои помали примероци од околу 1 кг, продавани се и по 200.000 долари. Според Гинис и најскапото чоколадо на светот е она од тартуфи.

Инаку неколку бели тартуфи со вкупна тежина од околу 850 грама беа продадени во 2017 година за 75.000 евра на традиционалната аукциска продажба во Алба, северна Италија. Тартуфите ги купил претприемач од Хонг Конг преку сателитска врска.

Со овој несекојдневен пронајдок во нашето Берово кое крие многу тајни, го збогатуваме нашиот град со уште едно уникатно откритие на бел тартуф можеби единствен на Балканот и пошироко од ваков вид, за кој досега никој не знаел дека го има.

Во склоп на целата приказна Орце и Валентина го оставија својот број, за потенцијалните купувачи и за сите заинтересирани кои би сакале да го откупат ова единствено откритие во нашата држава.

Лице за контакт: Орце, тел. 070 624 702

  Категории: