ПРИКАЗНИ:Мистеријата на исчезнувачкиот кучешки измет.

ПРИКАЗНИ:Мистеријата на исчезнувачкиот кучешки измет.
април 28 23:18 2020

Бизнисменот Р. излезе од својата шпанско-римска хациенда во барокно готски стил и зачекори во јапонско-медитеранската градина со викторијански елементи. Помина покрај камените лавови на двете страни од влезот, покрај фонтаната со купидон во лет и покрај мермерните лебеди спонтано расфрлани низ тревникот. Дојде до Цезар, неговиот пес од ретка раса и го закачи на поводникот. Овојпат Цезар само еднаш го касна. Цезар ги мразеше сите, а најмногу го мразеше бизнисменот Р. Чувството беше взаемно, но сепак, Цезар беше скапо платен, а бизнисменот Р. сакаше да ги покажува своите скапо платени играчки. 

Излегоа од градината и зачекорија на улицата во Елитната населба. Бизнисменот Р. секогаш кога помислуваше на населбата во која се досели, помислуваше на Елитната населба, со големо “Е“. Му требаа години и години исполнети со матни зделки за да може да си ја дозволи шпанско-римската хациенда во барокно готски стил во оваа населба. 

Сите новодоселени во населбата размислуваа за неа како за Елитната населба. Оние неколу семејства кои живееја во неа од времето пред да стане Елитна, сега размислуваа за неа како за “елитната” населба, во наводници. Пред да стане “елитна” во неа живееја писатели, професори и уметници, воздухот мирисаше на липи и анамска рака, а тишината ја нарушуваа само птиците, штурците и повремено по некој дивјачки крик “Камаи!” или механичко повторување на “Е-МА-Е-СА-СА-Е-СА-СА-ПИ-ПИ-А…” Откако новозбогатените бизнисмени одлучија дека оваа населба е Елитна и дека сите тие треба баш таму да живеат, воздухот почна да мириса на запршки, а наместо тишина во воздухот ечеше неартикулираното завивање на турбо-фолк пејачки, кои бизнисмените сакаа да ги слушаат по дома за културно да се издигнуваат. Како последница на ова, маалските мачки беа збунети и веќе не знаеја кога е февруари, па се приклучуваа на завивањето како пратечки вокали. 

Бизнисменот Р. и Цезар ја привршуваа својата прошетка. Цезар чучна на средината на улицата и откако остави купче соодветно на неговиот габарит, си продолжи по патот, како вистински господин. Бизнисменот Р. не ни погледна во купчето кое го остави Цезар, и секако не ни помислуваше да се наведне и да го исчисти, затоа што и тој беше вистински господин, барем според сопственото мислење. За среќа, во близина немаше никој кој би помислил да му сугерира дека можеби би требало да си исчисти зад сопственото куче. Повеќето сегашни жители на Елитната населба се однесуваа исто. Ги шетаа своите расни кучиња, кои зад себе секој ден оставаа купчиња измет и безгрижно си продолжуваа по патот. Никој од нив никогаш не се запраша каде оди изметот кој го оставаа нивните кучиња, затоа што тие сите беа господа и немаа намера да се бават со такви приземни и вулгарни теми. Само докторот А. еднаш се замисли, како тоа Викторија Реџина секој ден на истото место остава купче измет, а следниот ден таму повторно е чисто, сепак имаше учено по хемија нешто за разградувањето на материјата, или можеби беше по физика… Ова сепак беше Елитна населба, веројатно тука не важат истите закони на физиката. Мислите брзо му одлетаа и се префрлија на темата која му беше омилена за размислување: како тој, иако само доктор, успеа да купи куќа во Елитната населба. Да требаше да зависи само од поткупот кој го земаше за да оперира некого никогаш немаше да успее во тоа. За среќа, имаше прилика да се здружи со сопственикот на фармацевтски ланец, имаше тука и увоз на лекови со поминат рок и некои други паметни бизнис потези за кои сега не мора да се зборува. Како краен резултат на сето тоа тој гордо ја шеташе Викторија Реџина низ Елитната населба. 

Професорката во пензија К. излезе од својот двор во “елитната” населба заедно со нејзината џукела, Луси. Професорката во пензија К. обично кажуваше дека Луси ја добила на лото. Тоа изгледаше вака: еден ден професорката отиде да уплати лото ливче. На враќање по неа почна да оди едно суштество, кое на прв поглед изгледаше како стаорец. Мало, од страните ќелаво со видливо испакнати ребра, а на средината со искубано крзно кое личеше на панкерска “четка”. Професорката забележа дека суштеството ја следи, а кога подобро го загледа сфати дека е куче. 

“Ајде, оди си дома!”, строго ѝ кажа професорката на Луси, која тогаш сѐ уште не беше Луси. И Луси која сѐ уште не беше Луси ја послуша. Одеше по неа сѐ до дома. Кога професорката К. влезе дома, Луси која сѐ уште не беше Луси остана да седи пред вратата. По половина час професорката погледна низ прозорецот. Луси која сѐ уште не беше Луси уште седеше пред вратата. 

“Па добро”, рече професорката и ја отвори вратата. И така Луси стана Луси, а професорката почна да раскажува дека ја добила на лото. На ливчето кое го уплати тој ден не доби ништо. 

Кога професорката во пензија К. и Луси шетаа низ “елитната” населба имаа веќе извежбана рутина. Луси ќе се доближеше до купчето измет кое го оставило некое од расните кучиња, ќе го помирисаше, а потоа згадено ќе се повлечеше два чекори наназад. Тогаш професорката ќе извадеше од џебовите кесичка и ќе го собереше туѓиот кучешки измет. Ова нелогично однесување на професорката најверојатно се должеше на тоа што таа во младоста многу го читаше Достоевски. И што не сакаше да гази во кучешки измет. 

Професорката К. и Луси поминуваа покрај мермерната ограда со позлатени шилци од дворот на шпанско-римската хациенда во барокно готски стил на бизнисменот Р. Додека бизнисменот Р. седеше во атриумот го слушна својот градинар како ѝ се обраќа на професорката преку оградата. 

“Да ве прашам нешто… Оти не зедовте некое убо, расно куче?”

Професорката К. почна да објаснува: “Да не го земевме ова ќе умреше…”

Градинарот бледо ја гледаше и се прашуваше дали можеби професорката веќе е сенилна. Кучето беше обична џукела, какви што имаше на илјадници по улиците. Ако умре, уште подобро, една џукела помалку. 

“Немавме пари за да купиме расно!”, наеднаш професорката ги прекина неговите мисли.

“Аааа”, си помисли градинарот, ова веќе можеше да го разбере. Изгледа на почетокот не ја слушнал добро. 

“Аха!”, си помисли бизнисменот Р. додека го слушаше разговорот. Отсекогаш знаеше дека тоа “интелектуалците” се најобични бедници. Со гадење ја гледаше џукелата преку оградата и не можеше да реши: дали стаорецов му ја нагрдува Елитната населба, или ја зголемува вредноста на Цезар, затоа што покрај оваа џукела убавината на Цезар уште повеќе доаѓа до израз. Го заболе главата од толку размислување па побрза да пушти малку турбо-фолк за релаксација. 

Се качи на шестиот кат од шпанско-римската хациенда во барокно готски стил, го пушти турбо-фолкот на најгласно и излезе на терасата за да ужива во погледот на избетонираниот дел од дворот. Тоа му беше омилениот дел од дворот, затоа што веќе ништо не го нагрдуваше, откако ги исече огромните липи кои претходниот сопственик ги посадил со свои раце. Размислуваше дека треба да го исече и останатото зеленило во дворот, само му прави ѓубре. 

Додека гледаше од терасата, погледот му падна на улицата по која поминуваа професорката во пензија К. и Луси. Глетката која ја виде прво го збуни. Што прави оваа жена? Доаѓа до купчето измет кој Цезар сабајлето го остави, се наведнува и… го краде! Таа го украде кучешкиот измет! Бизнисменот Р. Не знаеше што да прави. Дали да викне полиција? Ама што ќе им каже? Како ќе објасни? Дотрча до петтиот кат од шпанско-римската хациенда во барокно готски стил, каде што неговата трета сопруга лежеше на креветот за сончање. 

“Таа… го украде… купчето“ 

Третата сопруга се преврте на другата страна. “Ќе купиш друго…”, мрзеливо му одговори. 

“Ама… зошто…?”. Милион комбинации се вртеа во главата на бизнисменот Р. Што ли прави таа со кучешкиот измет? Можеби го продава? Ама кому? Зошто? Како? 

Таа ноќ долго не можеше да заспие, а кога заспа, сонуваше позлатен кучешки измет на црвено, кадифено перниче. 

Следното утро бизнисменот Р. и Цезар излегоа на својата секојдневна прошетка. Цезар чучна на средината на улицата и достоинствено си ја заврши работата. Тогаш бизнисменот Р. застана, со растреперени раце извади пластична кесичка, се наведна и со гадење го собра кучешкиот измет. Никој нема да заработува на негов грб! 

Автор: Rara Avis

Извор: kooperacija.mk

  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.