Половина од туристичките ваучери се неискористени.

Половина од туристичките ваучери се неискористени.
ноември 13 22:57 2020

Речиси една половина од туристичките ваучери кои беа дел од владината економска помош поради пандемијата, досега се искористени, покажуваат податоците од Министерството за економија. Граѓаните преку платформата на министерството подигнале 100 289 ваучени од кои само 42 992 се реализирани во туристичките капацитети, велат оттаму. Тоа значи дека од речиси 10 милиони евра планирани за оваа цел, до денеска се реализирани вкупно 4,2 милиони евра. Туристичките ваучери беа со вредност од 100 евра наменети за граѓани со минимални примања до 15 илјади денари. Со нив граѓаните најмногу летувале во Охридско – струшкиот регион, односно 40 проценти од искористените ваучери се реализирани во тој крај. Потоа 35 проценти од останатите ваучери биле искористени сезонава во Дојран, Преспа, Куманово, Струмица, Битола и Крушево. Додека 25 проценти биле потрошени во планинските туристички дестинации како Маврово, Попова Шапка, Берово и Пелистер.

На првите две места од топ пет туристистички капацитети каде што граѓаните ги инкасирале туристичките ваучери се струшките хотели Дрим и Изгрев. Третото место го зазема комплексот Лебедово Езеро во Ново Село, а по него е струшкиот хотел Београд. А петто место го доби комлексот „Етно Село“ Тимчевски во Старо Нагоричане.

Преставници на Стопанската комора за туризам велат дека се уште не се запознаени со податоците за искористеноста на ваучерите. Дел од членките на комората се незадоволни од тоа како е реализирана оваа мерка на владата за помош на туристичкиот сектор во време на пандемија, затоа што во првите месеци од мерката не биле директно вклучени туристичките агенции. Комерцијалниот менаџер на туристичката агенција „Савана“ Стефан Пешевски кој е дел од комората вели дека мерката има една фалинка, а тоа е не вклучувањето на агенциите од почетокот на реализацијата на мерката за туристичкиот сектор.

„ Инаку сметаме дека како најзагрозен сектор од туристичката дејност каде се агенциите, кои работат исклучиво во посредување во услугите, дека мерката требаше да биде од почетокот ваучерите да се користат преку туристичките агенции, по што ќе одеа во сместувачките капацитети, и со тоа ќе се помогнеше во добар дел од нашиот сектор, немаше да се случи тоа што сега го трпиме. Најголем дел од нашите колеги имаат од 95 до 98 проценти опаѓање на прометот во однос на минатата година“ вели Пешевски.

Извор: slobodnaevropa.mk

  Категории: