ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ЗАВРШУВА, КАФЕАНИТЕ ПОЧНУВААТ.

ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС ЗАВРШУВА, КАФЕАНИТЕ ПОЧНУВААТ.
мај 27 00:12 2020

Нема полициски час, се отвораат терасите на кафулињата и рестораните, се укинува државниот карантин за македонски државјани кои доаѓаат во земјата, одлучи Владата. Дел од рестриктивнте мерки се укинуваат, но меките мерки остануваат во сила, оти вирусот е се уште тука и граѓаните мора да научат да живеат со него, велат властите.

Од утре 27 Мај, нема да има полициски час, односно нема да има ограничување на движењето на граѓаните, одлучи Владата на денешната седница, постапувајќи по препораки на Комисија за заразни болести. Полицискиот час се укинува по повеќе од 2 месеци, откако беше воведен. Првпат на сила полицискиот час, како мерка за спречување на коронавирусот, стапи на 22 март, потоа претрпе неколку измени во однос на траењето, а досега имавме и четири карантински викенди.

На денешната седница се укинаа и други мерки воведи во борбата против Ковид-19. Од четврток, 28 мај со работа почнуваат и терасите на кафулињата и рестораните, додека затворениот дел од нив допрва ќе се уредува како ќе функционира. Останува допрва да се одлучи кога ќе почнат градинките со работа и кога ќе се отворат границите.

Премиерот Оливер Спасовски образложувајќи ги мерките рече дека олеснувањето е како резултат на анализи и по препорака на Комисијата за заразни болести.

„Зошто ги донесовме овие одлуки? Фактот дека македонското здравство реагираше соодветно навремено и добро се справи со коронавирусот. Постојано потенцирам дека сите одлуки се носат на стручни и препораки на Комисијата. Две суштински причини произлегуваат од анализите. Состојбата со епидемијата е под контрола, бројот на активни случаи е стабилен. Зголемениот број на новодијагностицирани е од непочитување рестриктивни мерки во претходната фаза и на сите нас добро познати кластери. Втора причина за да ги донесеме денешните одлуки е тоа што капацитетите и знаењето на медицнските работници достигнаа високо стручно и професионално ниво и ни дава за право дека здравствениот систем е поставен така да може да одговори на очекуваните тенденции“, изјави Спасовски.

Владата одлучи од 1 јуни да престанат да важат ослободувањата од работа, работата од дома, како и организирањето на работата со ротации. Ова нема да важи за хронично болните и за родители на деца до 10 години, оти се уште не се знае кога ќе отворат градините.

На денешната седница донесеа е одлука со која македонските државјани при влез во земјата нема да мора да одат во задолжителен државен карантин, но треба да бидат во домашна изолација и при влез во земјата треба да покажат негативен тест на корона, не постар до 72 часа.

Оние кои се во државен карантин, може на свој трошок да направат тест и доколку тој биде негативен, да им се укине државниот карантин.

Филипче – На крстосница сме

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека по три месеци откако е дијагностицирана првата пациентка заразена од коронавирусот, земјата е на крстосница – да се врати животот во нормала со почитување на сите заштитни мерки или да продолжи важењето на сите овие рестриктивни мерки.

„Одлучивме да го враќаме животот во нормала. Првата битка е добиена, но борбата трае и ќе трае. Ќе мора да научиме да живееме со вирусот. Сите досегашни мерки се носеа врз основа на науката и бројките. Тоа се мерките донесени во сите земји, со мали модификации. Продолжуваме понатаму со важење на овие меки мерки“, изјави Филипче.

Тој вели дека епидемијата е ставена под контрола, но дека вирусот нема да замине и дека луѓето ќе треба да научат да живеат со него.

Министерот вели дека рестриктивните мерки се олабавуваат, но дека меките мерки, како носење маски, одржување растојание и миење раце остануваат.

Доктор Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и од Комисија за заразни болести рече дека точно се знае од кои кластери се заболените и кои лица била во изолација и самоизолација. Тој вели дека многу лица го загубиле животот оти доцна дошле на лекар.

„Она што како заклучот можам да го кажам е дека околку 15 лица кои беа донесени на Инфективната клиника или во ГОБ „8-ми септември“, ние велиме во терминална фаза, односно дел од луѓето кои ги чувствувале симптомите или не се осмелиле да дојдат порано, или дојдоа кога беше предоцна. Па така со жалење можам да констатирам дека многу лица го загубија својот живот, затоа што доцна дојдоа во медицинските установи“, рече доктор Караџоски.

Тој рече дека во рамките на скринингот ќе бидат тестирани 10 илјади луѓе, како полицајци, здравствени работници, вработените во градинки, таксисти, припадници на АРМ.

Вицепремиерот Бујар Османи на прес-конференцијата рече дека олабавувањето на рестриктивните мерки не се ад хок решенија, туку стратегија на Владата како да се овозможи безбедност на граѓаните во услови на слободно движење. Османи е главен координатор на кризните штабови за справување со вирусот КОВИД-19.

„Во целиот овој период имаше и одредени пропусти и прекршувања и критики кон нас во имплементацијата на рестриктивните мерки, но морам да кажам дека оваа закана е невидена и претходно ниту еден граѓанин и држава не можеле да се подготват за вакви рестриктивни мерки. Не беше лесно ниту за Владата, ниту за граѓаните. Но, и покрај сето тоа и евентуалните мали пропусти успеавме од моментот на влез на овој вирус во нашата држава преку неговото ширење да воспоставиме контрола и предвидливости во ниту еден момент не излезе од контрола и од патеките на ширење кои беа предвидени во нашата стратегија“, рече Османи.

Во земјава денеска се регистрирани 14 оздравени пациенти, тројца починале до Ковид 19, а новодијагностицирани се 16 луѓе. Со новите случаи бројот на заразени достигна 2014, а на починати 116

Извор:slobodnaevropa.mk

  Категории: