ОТВАРАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ ЗА СПАС НА ЛЕТНАТА СЕЗОНА.

ОТВАРАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ ЗА СПАС НА ЛЕТНАТА СЕЗОНА.
мај 11 20:44 2020

Што побрзо отворање на границите и билатерални договори со соседните земји за начинот на кој ќе се патува, очекуваат туристичките работници за спас на летната сезона. Владата за средината на мај најави олабавување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и полека враќање на животот во нормала, а најпрвин се очекува под одредени услови да бидат отворени угостителските објекти.

Министрите за туризам на земјите членки на Европската унија договорија заедничка патна исправа што ќе важи за сите земји на Унијата и во која ќе има податоци за здравствениот и безбедносниот дел од протоколот при патување.

Претседателот на стопанската комора за туризам, Емил Димитровски во интервју за Радио Слободна Европа кое целосно ќе се емитува в недела вели дека очекува истите услови за патување да важат и за македонските државјани. Но, според него, пред се, е потребно да се постигне договор со соседните земји во кои најчесто традиционално летуваат граѓаните.

„Верувам дека ќе се направат билатерални договори со соседните земји, бидејќи надминувањето на состојбата во туризмот најдобро е во почетокот да биде од соработката со соседните земји. Значи да си помогнеме со Србија, Албанија, Бугарија, Грција за да можеме да ја надминеме ситуацијата. Ние како комори сме поврзани и сите во нашата комуникација очекуваме што побрзо да се отворат границите и да почне движење на луѓето. Најлошо за економијата е кога нема обрт на пари. Тоа е лошо и за државата и за компаниите и за слободата на луѓето. Очекувам што побрзо да се пуштат границите под условите кои се пропишуваат. Дали тоа ќе биде со здравствен пасош… И очекувам значи во земјите кадешто може нема да го имаат ќе бидат потпишани билатерални договори за соработка“, вели Димитровски.

Министерот за здравство Венко Филипче пред некој ден на прес-конференција изјави дека не може да се очекува отворање на границите пред јуни и дека ќе се координираат со соседните земји за стратегија за годишните одмори и патувања во време на пандемијата во летните месеци. Тој посочи и дека неговиот грчкиот колега го информирал оти тие планираат отворање на границите во наредниот месец.

„Може да донесеме некакви мерки што ќе ги почитуваат сите граѓани од сите околни земји ако патуваат каде било“, изјави Филипче.

Единствена алтернатива е домашниот туризам, но треба да се преземат сите можни решенија за подобрување на статусот на давателите и примателите на услуги, вели професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид.

„Значи во вакви услови проблематично е секакво движење. Но, кога немате друга можност секако дека домашниот туризам ќе биде во прв план. Во подолг временски интервал ние размислуваме стратешки приод во третманот на домашниот туризам, бидејќи тој во последниот период бележи намалување на прометот, такаштоако преземеме некои мерки од типот на субвенционирање и слично мислам дека би добиле доста во поглед на одржливоста на самиот развој“, вели Мариноски.

Агенцијата за поддршка и развој на туризмот со кампањата „Дома си е дома“ ќе ги потикнува домашните туристи да го поминат одморот во земјата, а во истовреме ќе ги промовираат и подзаборавените дестинации.

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека и по отворањето на угостителските објекти ќе се продолжи со поддршка и помош на туризмот, угостителството и на транспортот, како најпогодени сектори во моментот.

Извор: slobodnaevropa.mk

  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.