Од првачињата ќе се бара однесување по протокол.

Од првачињата ќе се бара однесување по протокол.
август 12 06:39 2020

Првиот училишен ден е еден од најважните моменти во животот на децата и нивните родители којшто досега беше дочекуван со празнично расположение во семејствата со првачиња. Но, поради новите околности предизвикани од корона вирусот, наместо среќа и радост може да се почувствува страв и загриженост пред почетокот на учебната година. Неизвесноста за начинот на кој ќе се одвива наставата и недоумиците дали ќе функционираат протоколите за заштита на децата во училишните клупи буквално доведува до избезуменост на голем број родители.

На социјалните мрежи веќе подолг период се разменуваат мислења, се потпишуваат петиции за и против најавената настава со физичко присуство на учениците и при тоа се презентираат различни аргументи. Ноншалатноста на надлежните околку оваа проблематика не помага за смирување на страстите. За да допринесеме кон рационално разгледување на оваа состојба и можните ефекти врз новата генерација првачиња коишто се вклучуваат во образованиот систем во досега незамисливи услови, разговаравме со повеќе стручни лица. Тие се едногласни дека првооделенците на 1 септември треба да тргнат на училиште и дека при тоа мора да се најде начин да се заштити здравјето на децата.

Od prvachinjata ke se bara 1Според податоци од Министерството за образование и наука годинава имаме 19.673 првачиња. Оттаму потенцираат дека ова не е конечна бројка бидејќи уписите траат и во септември за оние ученици коишто не се запишале. Лани во Македонија имало 21.384 првачиња, а во учебната 2018/19, во прво одделение се запишале 22.031 дете.

Родителите во незавидна положба

Марија Илиева, мајка на две деца вели дека постојат низа прашања коишто „висат“ и на кои никој од надлежните не дава одговор.

„Имам две првачиња, близнаци. Имаат неполни шест години. Не ги носиме на детски игралишта, не ги виделе бабите и дедовците неколку месеци. Кога се гледаат со некое другарче, носат маски, но по сто пати морам да интервенирам и да им укажам дека маската се спуштила, да не ја пипкаат и слично. Едноставно се забораваат при играта. Кој наставник ќе има време ова да го прави со 10 или 15 деца? Јас сум сигурна дека нема да бидат безбедни во школо“, вели Илиева.

Таа вели дека уште поголем проблем ќе биде земањето и носењето во училиште бидејќи со сопругот работат.

„Најавија дека ќе одат на училиште со скратени часови. Сѐ уште никој не излегол од надлежните да каже дали ќе има целодневна настава, како ќе ги земаме од училиште во ниедно време кога сите работиме“, прашува оваа мајка.

Од друга страна, усогласувањето на работните обврски ќе биде проблем за родителите и ако децата почнат да учат од дома. Уште еден проблем е како да им се објасни на најмалите дека тргнале на училиште, но сепак остануваат дома.

Стручните лица велат дека токму затоа дури и да има онлајн настава за повозрасните, учениците од прво до трето одделение треба да седнат во училишните клупи.

jasmina delceva dizdarevic„Замислете мајката го буди своето дете, му кажува дека е прваче, дека ќе оди на училиште и наместо да го стави ранчето, да излезе од дома и да потрча кон учителката, тоа седнува пред компјутер. Мој став е дека барем учениците од 1 до 3 одделение треба да тргнат во училиште. Тоа треба да се обмисли добро, ако треба и цело училиште да им биде на располагање. Особено за првачињата, но и за второодделенците е значајна првата средба со наставниците, другарчињата. Тоа е незаменливо. Во целиот свет, и во најразвиените земји, екепертите го велат тоа, барем за овие деца мора да се обезбедат безбедни услови за настава. Описменувањето не смее да се занемари. Не постои подобар начин за тоа од директен контакт со наставник. Тие имаат вежби кои само наставник знае да ги објасни, имаат потреба од социјализација, адаптација“, вели професорката Јасмина Делчева-Диздаревиќ, која предава на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје.

Првачињата доживуваат пресврт во животот

Зорица Милкова, одделенски наставник во ООУ „Тошо Велков – Пепето“ во Кавадарци објаснува дека тргнувањето во прво одделение  е возбуда и за учениците и за родителите и своевиден пресврт во животот за двете страни.

Od prvachinjata ke se bara 2„Секое дете заслужува да го доживее тој момент па дури и за време на пандемија. За сѐ има решение. Очекувам МОН да ги разгледа сите позитивни и негативни страни и да излезе со конкретно решение, односно протокол за работа. За да се изгради тоа дете во здрава личност која со себе ги носи сите позитивни вредности, сметам дека физичкото присуство на учениците и наставниците е неопходно на почетокот на образовниот процес“, смета Милкова.

Наставата за помалите ученици, особено за оние од прво и второ одделение, според неа, треба да се одвива во училниците. Учениците најпрво треба да стекнат доверба во наставникот, да го запознаат како личност, покрај тоа социјализацијата меѓу децата игра главна улога за текот на активностите во училницата, па и надвор од неа.

„Релацијата наставник – ученик не може добро да се оствари онлајн. Како да очекуваме учениците да вродат љубов кон наставничката кога не ја познаваат? Како таа наставничка да креира слика за секој ученик и неговите можности и способности преку компјутер. Тоа е едноставно невозможно“, вели Милкова.

Проф. д-р Розалина Попова-Коскарова од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ исто така смета дека сите деца, а особено првачињата треба да седнат во клупите  бидејќи предолгото седење дома влијае врз нивниот интелектуален, психички и социјален развој.

Rozalina Popova Koskarova„Во изминатиов перод бевме сведоци на голема импровизација во сите степени на образованието, а посебно во основното, односно во одделенската настава.Имаше наставници што онлајн-часови држеа по 15-20 минути, а имаше и такви коишто со ученици од трето одделение се вклучуваа два пати неделно по 30 минути.  Родителите на овие деца со право бараа секој ден наставниците да работат онлајн, па макар и по 20 минути.  Но, тоа беше оставено на совеста на секој наставник или пак на самото училиште.  За жал и меѓу наставниците имаме такви коишто не пристапија одговорно“, вели Попова–Коскарова.

Според неа, многу е важно да се воспостават стандарди во цела држава без оглед на тоа како ќе се одвива наставата. Ако се остане на онлајн-настава, да се запази распоредот на часовите секој ден. Децата да стекнат навика, како да одат на училиште. Таа додава дека најважно е да се почне со интензивни обуки за сите наставници како ефикасно да ја изведуваат онлајн-наставата,   доколку во зимските месеци се јави потреба за повторно затворање на училиштата.

„За жал, времето е кратко, обуките требаше да се спроведат порано. Сега, се плашам дека ќе биде доцна и дека повторно сѐ ќе биде оставено на совеста и свеста на нашите наставници. МОН изготви стандарди за онлајн -настава кои ќе се применуват после две години. Но, што дотогаш“, прашува Попова Коскарова.

Може ли некој да гарантира за здравјето на децата?

Безбедноста на учениците, односно нивното здравје е она што најмногу ги загрижува родителите и наставниците. Надлежните уверуваат дека имаат протоколи и модели на настава коишто ќе се прилагодат за секое училиште во зависност од условите.

Доктор Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести вели дека ако се почитуваат протоколите сите ќе бидат безбедни.  

„Децата треба да почнат да учат во школо, сите, не само најмалите. Ќе има протоколи и тие ќе треба да се почитуваат. МОН предвиде во различни училишта да има различни модели, зависно од условите. Во Источна Македонија има одделенија со по 10 деца и таму немаме проблем за да се одржува дистанца. Проблем ни се трите општини, Куманово, Тетово и Скопје каде има по 35 деца во одделение. Но, тука ќе имаме друг модел. Скратени часови, три смени во училиште или една група една недела ќе одат на настава, а потоа следната недела ќе имаат настава од дома“, вели д-р Стојанов.

Тој уверува дека школите ќе се дезинфицираат, дека децата ќе бидат заштитени ако носат маски, одржуваат дистанца, мијат раце и одржуваат хигиена. Но, само ако се придржуваат до мерките.

„Ние дадовме протоколи буквално за сѐ, ама гледате и сами дека не се почитуваат“, вели д-р Стојанов.

Според него, нема никакви последици по здравјето на децата ако неколку часа носат маски.

„Една маска може да се носи четири до пет часа во училиште. Доволно е една маска дневно да имаат децата. Малите деца нема да бидат проблем, тие повеќе слушаат. Мене овие поголемиве што ги гледаме во Охрид ме загрижуваат. Имам внука која има 4 години и излегува од дома и си става маска. Тие повеќе слушаат. Но важно е да бидат редуцирани, да не бидат 30 мали деца во една просторија. Ако се  5 деца и учителката полесно ќе ги следи“, вели д-р Стојанов.

Od prvachinjata ke se bara 3Безбедноста на учениците ќе биде на прво место, уверува и заменик министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска. И таа смета дека нема потреба за загриженост за помалите ученици.

„Кај најмалите ученици очекувам да имаме најмалку проблеми. Тие ќе бидат ставени во мали групи и наставниците секако ќе им помагаат во одржувањето на хигиена. Тие и сега тоа го прават. Јас сметам дека поголеми проблеми ќе имаме со тинејџерите. Ништо не може да ја замени наставата во училница. Првачињата на пример, мора да се социјализираат со врсниците. Покрај сите знаења, вештини и навики за учење кои треба да ги стекнат во училница, тоа не се добива преку компјутер. Сметам дека тие ќе бидат најпослушни и нема да имаме проблеми. Тие си ги слушаат учителките, верувајте“, вели Наумовска.

Да не се заборави на социјалните и емоционалните потреби

Психологот Калина Сотироска-Иваноска објаснува дека првооделенците се соочуваат со нов период на започнување на училишниот живот, кој за децата секако е од огромна важност затоа што станува збор за значајни животни промени.

Kalina Sotiroska„Поаѓањето на училиште секако претставува социјален шок за детето, бидејќи се вклучува во целосно нов амбиент, нова средина наспроти дотогашната добро позната средина -домот, семејството, роднините, децата од соседството. Со влегувањето во училиштето детето сретнува нови авторитети, учителите. Притоа првата емоционална реакција кај децата е страв, но доколку учителите се на висина на задачата, како и од зборувањето на родителите детето е способно за почит и љубов кон учителите. Освен односот кон учителите, детето стапува во интеракција и со нови и непознати другарчиња. Така одделението станува важен животен предизвик на детето“, објаснува Сотироска-Иваноска.

Таа додава дека со почетокот на училишните денови кај детето се создава ново сфаќање на животот. Дотогаш активностите се базирале врз игра, а сега веќе се бара ред, работа и дисциплина. Сотироска-Иваноска порачува комисиите што ги прават програмите и моделите за учење да не заборават на социјалните и емоционалните потреби на децата.

Според неа, наставата и учењето во новите околности треба многу повеќе да бидат релациски отколку репродукција на факти и сувопарно барање од учениците да ги завршат задачите. 

Сотироска-Иваноска потсетува дека во оваа ситуација не смее да се заборави и социо-емоционалниот аспект кај учителите, бидејќи и тие се соочуваат со трауматски искуства од почетокот на пандемијата, вклучувајќи ненадејно соочување со далечинско учење и грижа за сопствените деца додека ги одржуваат часовите онлајн.

Станува се поверојатно дека траумите на наставниците ќе продолжат и со почетокот на учебната година. На дваесетина дена пред почетокот на учебната година тие не знаат ништо во однос на начинот на наставата, но се чини дека тие ќе бидат „главни виновници“ доколку пропишаните протоколи испаднат неспроведливи. 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Извор:samoprasaj.mk

  Категории: