ОДРЖАНА МААЛСКАТА СРЕДБА ВО НАСЕЛБАТА ЈУРУКО ВО БЕРОВО

ОДРЖАНА МААЛСКАТА СРЕДБА ВО НАСЕЛБАТА ЈУРУКО ВО БЕРОВО
април 29 22:05 2022

Во најстарото маало во Берово, познато по слогата на жителите, денес се слави верскиот празникот на првиот петок по Велигден, познат меѓу беровци и како Беровска Богородица. Овде со години наназад  се одбележува и се слави овој датум. По тој повод жителите по 13 пат ја организираа познатата прослава наречена„Маалска средба“ каде што беа поставени неколку котли со традиционално беровско гравче и чорба и музичка програма.

-После две години пауза, денес ја правиме Маалската средба на првиот петок после големиот празник Велигден.Денешниот празник е Беровска Богородица и се слави уште одамна.Еве јас сум веќе скоро 70 години и се сеќавам на оваа вечер во нашата населба Јуруко, каде на времето имаше и по десет оркестри на музика, пеливани и многу други нешта.Едно време беше прекината оваа традиција, но жителите од нашето маало се соединивме сите и еве 13 година по ред ја организираме оваа средба.Сите гости се поканети да дојдат и да присуствуваат на оваа средба.Инаку ние неколку луѓе сме во организацијата, повеќе млади од нашето маало, но имаме и кум на средбата на кој сите му помагаме околу подготовките – рече Звонко Биковски еден од организаторите на средбата.

Порано на денешниот празник се одело по куќите низ градот и луѓето биле пречекувани со јадење и пиење, а вакви средби имало неколку во Берово, но останала денес само во населбата Јуруко, која е позната по сплотеноста и слогата на жителите.

-Само тука остана оваа традиција во нашата населба Јуруко.Тоа е многу убаво за да се дружат луѓето и да не се разединуваат.Значењето на оваа средба е врзана со денешниот празник Беровска Богородица и да се породолжи традицијата на нашите предци од маалото.Ќе ја породолжиме секако оваа наша традиција додека не служи здравјето, а верувам дека и младите ќе ја продолжат оваа вековна средба – рече Гаврил Биковски.

Кумот на Маалската средба честитајќи им го празникот на сите жители, истражувајќи неколку години ни ја откри легендата за овој празник и собир кој датира уште пред времето на турско.

-За славењето на празникот Беровска Богородица во нашето маало, после многу години истражување дојдовме до информација дека уште одамна се славело со некои прекини и тоа е легенда која датира уште пред турско. Порано сите беровци го славеле празникот Тодорова сабота и тоа било празник во Берово како што е Беровска Богородица потоа.Но имало многу смртни случаеви на млади деца во градот од некоја болест која населението мислело дека е чума.Потоа им било речено на беровчани дека грешката е во славењето на Тодорова сабота и дека треба да продолжат да ја слават Беровска Богородица -Балаклија – истакна кумот на Маалската средба, Борче Ѓерински.

На традиционалната вечер беа присутни околу 300 луѓе од Малешевијата и гости од соседна Бугарија, кои со насмевки, дружење и со песни и ора посветија многу внимание и почит кон празникот и вечерта на нивното маало.

-Јас доаѓам од село Микрево општина Струмјани во Бугарија и сум сум кај моите другари.Тука сум со моето семејство и неколку пријатели. Прв пат присуствуваме на оваа средба и многу добро си поминува, со овие добри луѓе и добрата музика.Тука луѓето се многу гостољубиви и пријатни.И ние во Бугарија имаме собири и фестивали, но е е како овде.Вие сте повеќе организирани.Имам многу познаници шумари од Берово бидејќи и јас сум шумар на другата страна на Малешевијата и секоја година сум на план да доаѓам овде на Јуруко на оваа идеална средба на денешниот празник. Ве покануваме на нашиот фестивал „Малешево пее и танцува“ во Микрево во месец Октомври. Треба само така да сме сите заедно сложни за да не може никој да не раздели.На здравје и за многу години празникот – рече гостинот од село Микрево Петар Ждрапански.

Маалската вечер во маалото Јуроко врзана за верскиот празник Богородица- Балаклија остави аманет на жителите да се продолжи традицијата. Велат, нека е здравје, догодина ќе се собереме повеќе и ќе ја направиме побогата прославата.

Во продолжение видео од настанот:

напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.