ОДЗЕМЕН ПАСОШОТ НА МОМЧЕТО ШТО ЈА ПРЕГАЗИ ВЕРИЦА.

ОДЗЕМЕН ПАСОШОТ НА МОМЧЕТО ШТО ЈА ПРЕГАЗИ ВЕРИЦА.
април 21 15:05 2021

Осумнаесетгодишното момче кое што ја прегази Верица Белчовска, девојката чии органи подоцна беа донирани и трансплантирани, избегало од местото на сообраќајката што се случила во Струмица, на 7 април годинава. Откако ја прегазил Верица на пешачкиот премин со „нисан“, возачот го напуштил местото на несреќата, но подоцна се пријавил во полиција и го признал делото.

Истрагата утврдува дали тој делото го извршил со умисла или без умисла, и од тоа ќе зависи колкава казна затвор ќе се предложи за него. Од Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ велат дека моментно траат судските вештачења. Во меѓувреме, на младото момче, кое имало дозвола за управување моторно возило, одземен му е пасошот како мерка за претпазливост дека нема да ја напушти државата.

,,До несреќата дошло кога автомобил нисан удрил во пешак кој преминувал на пешачки премин, по што возачот го напуштил местото на несреќата. Јавниот обвинител веднаш по несреќата издаде наредба за обезбедување на сите докази и траги на лице место и даде насоки за откривање на сторителот. Подоцна истиот ден, возачот на автомобилот, на возраст од 18 години, самиот се пријавил во полициска станица. Против него е поднесена кривична пријава за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од кривичниот законик. По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Струмица за осомничениот определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и тој веќе даде свој исказ пред јавниот обвинител во кој не негира дека го сторил делото”, информираат од обвинителството за „Слободен печат“.

Возилото е привремено одземено и ќе се врши вештачење, а по наредба на јавниот обвинител земени се примероци од крв и урина од возачот веднаш по неговото пријавување во полициската станица, со цел да се утврди присуство на алкохол или други супстанции.

Јавниот обвинител поднел и барање за достава на протоколот од извршената обдукција врз жртвата. Откако ќе пристигнат записниците од извршениот увид на лице место, надлежниот обвинител ќе нареди детално сообраќајно вештачење за утврдување на сите околности под кои дошло до сообраќајната незгода.

Кривичниот законик, во членот 301, предвидува затворска казна од три месеци до пет години ако поради неукажување на помош настапила смрт кај повредениот. За тешки дела врз животот и безбедноста во сообраќајот кои довеле до смртни последици, минималната казна затвор е четири години.

Младата Верица Белчовска стана симбол за хуманост, откако нејзиното семејство по нејзината смрт во оваа сообраќајка, дозволи нејзините органи да бидат донирани за трансплантација. Нејзиното срце продолжи да работи во градите на 22-годишниот Иле Стрезоски од тетовското село Брвеница, кој имаше срцева болест и се наоѓаше во животозагрозувачка состојба. Освен тоа, нејзините бубрези и коскени ткива беа донирани, спасувајќи животи на повеќе пациенти.

– Сакаме да покажеме дека органите треба да се донираат а на тоа се одлучивме бидејќи сакаме да спасиме животи. И нам ако ни беа потребни, верувам дека ќе ни се излезеше во пресрет. Затоа и ние сакавме да помогнеме, така ќе живее мојата сестра, рече Мартин Белчовски за државната агенција МИА.

Извор:Слободен Печат

  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.