НАДВОР ОД РАМНОТЕЖА.

НАДВОР ОД РАМНОТЕЖА.
август 27 23:54 2020

Овој викенд ми бил најважен секоја година… го означувал крајот на летото и неговата слобода. Не е баш дека се радував на почетокот на школската година, ама сепак движењето во временска рамка (макар наречена 1ви Септември) секогаш ми годела. Плус повисоко одделение, средба со другарите од школо или факс си носеле свои задоволства…

Овој викенд со гооооодини ми бил најважен. Не, не зборувам за некој ден- за викенд зборувам. Викендот за Голема Богородица. Посебно одбележување во манастирот на Св. Богородица во Берово.

Уште како дете први ме водеа баба и дедо со нивното весело друштво. Баба со погачата завиткана во бела-црвена марама, а дедо со огромна кошница од трска во која носеше постилка, пијалоци (со задолжителна стаклена плоска со ракија за “живели”), салатичка и опрема за јадење- метални длабоки тањири и лажици и вилушки. Секогаш за седење го одбираа помирното место на ливадата, а не гужвата во црковниот двор. Во тоа време се готвеа по 100тина котли со курбан-манџа ( не дека сум ги броелс или дека ми значеле тогаш, но преку нивниот број вечерва ги мерам промените кои настанале). И секогаш ама секогаш, во дворот беа и по неколку групи Роми со зурли и тапани што ечеа во седум осмини.

Кога потпораснавме, овој викенд ме потсетува на одењето на црква сами со другарка ми. Демек големи бевме, а уствари најмногу се радувавме на бижутериите и ланчињата со крстчиња купени на тезгите, и соседот-кумот-попот Ахил да не благослови со крстот и босилекот. Ако не не’ наводенеше по главата поп Ахил, исто како благословот да не беше примен за таа година.

За неколку години овој викенд не беше веќе во знак на црквата. Беше последниот викенд пред школската година и времето за најголемите тинејџерски лудувања… Преговорите со родителите беа на високо ниво: ” може вечер до подоцна зошто е последен викенд за Богородица?”Веќе не ги броевме котлите со манџа (кажуваа по 60тина имали). Може ни до црквата да не одевме, ама сепак во душа празникот го славевме.

Поновиве години во Берово за Богородица (ако постои присвојна именка- најјаката е Беровска Богородица) се воведе традиција наречена Етно фестивал… 3-4 дена енергична програма, преку ден тезги со рачни ракотворби и домашни приизводи (беровски компир, беровско сирење, боров мед, слатка од диви јагоди, малини и капини, познатиот сок од боровинки) тука на плоштадот пред нашата куќа. Околу пладне простор за младите- распеани ѕвончиња, фолклорни групи. А навечер – познати локални, македонски и балкански ѕвезди ги забавуваа беровчани ( Здравко Чолиќ и Северинка дојдоа, во различни години секако). А курбан манџа продолжи да се прави. Бројот на котли падна на 30, а откако од ведро небо удри гром и уби неколкумина, се воведе и посен курбан за време на посни денови.

И така Берово отсекогаш посебно дишело за време на овој викенд.

Се’ до оваа година кога живееме во нарушена рамнотежа.

Ми тежи што моите деца не преговараат за подолг излез бидејки не е крај на летото и школото не почнува на 1ви Септември.

Тажно ми е што наместо да гргори и да не остави будни цела ноќ, градот е празен и нема журки. Се’ е замрено, а луѓето се или изолирани или преплашени од големиот број на заболени од Корона последниве денови (така и треба- здравјето е пред се). Баш и не сакам во текстов да се занимавам со математика ама по бројот на жители и бројот на заболени , Берово е високо на скалата во Македонија (за жал).

Празно е на плоштадот (порано го викав чаршијата, ама откако ја сменија калдрмата со коцки мене престана да ми биде чаршија), Етно фестивал нема да има, за да се спречи собирање макар и на отворено. Секоја чест за одлуката на Општината.

Ама најтешко ми е што нема да има курбан за Голема Богородица. Нема да има котли. Ниеден…Нула…. Ни зурли и тапани…. Ни благослов со босилек за здравје- да не држи до следната година. Не е баш дека некогаш јадев од курбанот. Заради немањето на присвојната именка Беровска Богородица ми тежи на душава.

Отсекогаш сум имала 2 нови години. Едната е популарната- таа на 1ви Јануари, а втората ми е омилената- за викенот за Богородица.

Оваа година на нарушена рамнотежа ми фали многу втората Нова година. Да ми го означи крајот на летото. Да ми ја означи новата учебна година. Да преговарам со децата за доцна останување.

Можеби ме стигна стравот од Корона со кој живееме веќе 6 месеци. Можеби поради немањето забава како за крај на летото. Да се изжуркам како лани. Можеби поради неизвесноста за почетокот на школото. Или заради стравот и разочараноста кои го чуствувам во гласот на мајка ми и децата (не се радуваат на одложено школо за 1ви Октомври. Така е- и немаат зошто да се радуваат).

Можеби ме стигнаа сите емоции на куп бидејки вечерва повторно ја читав книгата на татко ми “Берово- алманах низ времињата” и се присетив на многу убави обичаи и моменти.

Ете така, посебно тешко ми падна овој викенд со крајот на летото на годинава со нарушена рамнотежа

Лилјана Алексова

  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.