МИРОВЕН СИМПОЗИУМ – ЛОНДОН 2018

март 17 19:40 2018

На 17 март годинава во Лондон се одржа 15 национален мировен симпозиум. Организатор беше Ахмадија муслиманската заедница во Велика Британија, а настанот се одржа во Баитул Футух џамијата, која е и најголем исламски верски објект во Западна Европа. Мото на собирот беше “Основи за воспоставување траен мир“ и на истиот присуствуваа неколку стотици гости од повеќе земји во светот.

Притоа пред присутните беше речено дека Ахмадија муслиманската заедница е посветена на воспоставувањето мир и заштита на основните човекови права на сите, каде и да се наоѓаат во светот, а исто така сака да ги признае напорите на оние кои сакаат да го унапредат мирот.

(Атаул Муџиб Рашид, имам на Лондонската џамија…. Од почетокот идејата беше да се соберат луѓе од различни земји, кои зборуваат различни јазици, да им ја пренесеме вистинската порака за мир што ја претставува исламот. Бенефитот од среќавањето и посетата е луѓето да ја однесат ова порака со себе дома. Не само во оваа држава, туку низ цела Европа и низ целиот свет. Тоа е најважната потреба во моментов и многу е важно што повеќе луѓе да бидат информирани за двете слики за исламот. За жал, во овој момент негативната, многу црната слика за исламот е претставена пред луѓето. Тие слушаат дека терористите напаѓаат во име на исламот, пролеваат крв, убиваат луѓе, измачуваат деца, силуваат жени. Сите овие насилства ги прават, како што велат тие, во име на исламот. Но, тоа е сосема погрешно. За да го исправиме ова погрешно сфаќање за исламот, ние ја започнавме оваа мировна конференција, за да ја пуштиме пораката, и таа патува. И денес гледаме дека претставници од 27 земји се овде, и откако тие ќе слушнат што кажува нашиот водач на заедницата, тие ќе ја однесат таа порака во своите домови. Можете да замислите во колку држави, колку многу луѓе ќе имаат бенефит од тоа. Таа е како семе и ние се надеваме дека од ден во ден ова семе ќе стане растение, а потоа и големо дрво. И сите луѓе во светот ќе ги уживаат плодовите од ова дрво. Затоа овој процес, на религиски мировни конференции е како сеење на семе, за кое се надеваме дека ќе стане многу големо дрво и дека луѓето од целиот свет еден ден ќе дојдат под неговата мирољубива сенка. Таква е нашата надеж, таква е нашата желба и таква е нашата намера.

Освен пренесувањето на порака за мир во светот, една од идеите за организирање на мировниот симпозиум во Лондон е доделувањето на специјалната награда на поединец или организација кои дале придонес во унапредувањето на активностите за мирот. Годинава таа му припадна на докторот Леонид Рошал, специјалист педијатар од Русија за неговата долгодишна посветеност во помагањето на децата во подрачјата каде што има воени случувања или пак се загрозени со климатски катастрофи. Доктор Рошал не можеше лично да присуствува на доделувањето на наградата, па во негово име признанието го прими Ангелина Алексеева, негова соработничка. Сепак, преку видео порака доктор Рошал упати благодарност за наградата..

28.50“ Доктор Рошел… Дами и господа, јас не сум веќе толку млад, но не сум ни премногу стар. Во изминатите години имав можност да сретнам различни религии и да го видам нивното влијание врз животот на луѓето. Она што го заклучив е многу едноставно, дека нема лоша религија. Секоја религија е добра според својата природа, но за жал има поединци кои ја злоупотребуваат религијата заради свои сопствени цели. Многу е важно религиите да обединуваат, но денес гледаме дека тоа не е така. Наместо да ги зближуваат луѓето, тие ги разделуваат. Дури и оние кои и припаѓаат на иста религија може да се види дека војуваат едни против други. Не можам да ги сфатам насилствата меѓу Сунитите и Шиитите кои се убиваат едни со други. … Мирот е повеќе од потребен, неопходно е да се работи за доброто, за да се отстрани злото, мора да работиме против омразата која ги уништува односите меѓу луѓето. Потребно е религиите да работат заеднички и наместо да ги разделуваат луѓето, да помогнат за меѓусебното разбирање. Ви посакувам благосостојба и напредок, Господ нека е со вас.

На 15 мировен симпозиум во Лондон свое обраќање имаше и неговата светост, верскиот лидер на Ахамдија муслиманската заедница со главната порака, Хазур Мирза Масрур Ахмад. Тој се осврна на причините кои најчесто предизвикуваат насилства и воени дејства во светот, при што рече дека сиромаштијата и нееднаквата развиеност на земјите не им овозможува на децата  да се школуваат и да напредуваат, туку се приморани заедно со своите родители да се грижат да ги обезбедат основните слови за да преживеат.

Калифа 43.20“ За жал, владејачките класи во земјите во кои има војни или сиромаштија повеќе се загрижени за тоа да си го заштитат сопствениот статус и моќ, отколку да помагаат да се ублажи страдањето на нивниот народ. Резултатот од тоа е што оние луѓе кои немаат ништо, со непочитување ги гледаат своите корумпирани лидери, а големите светски сили ги сметаат за непријател. Трагично е што можеме да ги видиме ужасните ефекти од сето тоа и во муслиманските држави. По согледувањето на очајната состојба во нивните земји, некои муслимани, кои израснале во развиениот свет, станаа радикални и извршија ужасни терористички напади тука, на Западот. Затоа, цврсто верувам дека ако навистина сакаме да го заштитиме нашиот свет и да се осигураме дека ќе оставиме наследство од можности за оние кои доаѓаат после нас, од суштинско значење е дека сите напори да се подигне стандардот на земјите во развој и на сиромашните не смеат да се гледаат со непочитување. Напротив, ние мораме на нив да гледаме како дел од нашето семејство, како наши браќа и сестри. Помагајќи им на земјите во развој да застанат на свои нозе, давајќи им можности и надеж на нивните луѓе, всушност ние си помагаме себеси и ја обезбедуваме иднината на светот. Наспроти тоа, веќе гледаме дека сиромаштијата и безнадежноста во земјите во развој негативно влијае врз остатокот од светот. Уште повеќе што, како резултат на последните терористички напади и широко распространетата емиграција кон Западот, тоа може да прерасне во опасен национализам во многу западни земји, предизвикувајќи страв од мрачните денови на минатото. Особено вознемирувачки е што екстремните десничарски групи се повеќе се засилуваат, нивното членство се зголемува, па дури имаат и извесни политчки придобивки.Тие исто така се екстремисти кои се обидуваат да го затрујат западното општество со поттикнување на масите против оние кои имаат различна боја на кожата или кои имаат различни религиски убедувања. Дополнително, реториката на одделни моќни светски лидери станува се повеќе националистичка и воинствена, обидувајќи се да ги стават правата на своите граѓани над сите останати. Јас не го оспорувам фактот дека одговорност на владите и водачите е да се грижат за своите луѓе и ги штитат нивните интереси. Секако, се додека лидерите дејствуваат во рамки на правдата и не ги повредуваат правата на другите, нивните напори да го подобрат животот на нивните граѓани е голема доблест. Сепак, политичарите се базираат на политиката на себичност, алчност и подготвеноста да ги поткопаат правата на другите, тие се многу силни во смисла создавање раздор и и девијантност во светот. … 55.27“ Ако сакаме да им оставиме надеж, како наследство на нашите деца, и да создадеме мирољубив свет за идните генерации, ние почитувајќи ја религијата или верата, треба под итно да ги промениме нашите приоритети, наместо да бидеме грабнати од материјализмот и од желбата за моќ. На секоја нација, богата или сиромашна, приоритет мора да и биде мирот и сигурноста на целиот свет, пред се друго. Наместо кон трката во вооружување, која води кон смрт и уништување,  ние мора да се придружиме кон трката за спасување и заштита на човештвото. Наместо затворањето на границите и пристаништата во завојуваните земји, оставајќи ги децата да изгладнуваат и да бидат болни, лишени од медицински третман, ние мораме да ги отвориме нашите срца еден за друг. Да ги срушиме ѕидовите што не раздлеуваат, да ги нахраниме гладните и да им помогнеме на оние кои страдаат. Од политички аспект, спорот меѓу САД и Северна Кореа продолжува да му се заканува на мирот во светот. Конфликтот меѓу нив двете исто така влијае врз Јужна Кореа, Кина и Јапонија…. 1.12.44“  Во духот на простувањето и благонаклоноста, сите земји, без разлика дали се големи или мали, богати или сиромашни, имаат потреба да се развиваат, зошто само така долгорочниот мир ќе биде реалност. Со сето мое срце се молам човештвото да ги препознае меѓусебните обврски, така што оние кои доаѓаат после нас ќе не споменуваат со гордост и благодарност. Да гледаме во иднината, а не само на сегашноста, да ги зачуваме идните генерации, нека Господ ни даде мудрост. Ви благодарам уште еднаш што ни се придруживте оваа вечер, благодарам многу.

Организаторите на симпозиумот рекоа дека од година во година настанот прераснува во еден од најважните собири во светот на кои главна тема е мирот и еднаквоста за сите.

(визитката на работа) Националниот мировен симпозиум започна пред петнаесет години и годинава е 15 по ред. Првиот се одржа во 20014 година кога беше отворена и оваа џамија, а идејата на симпозиумот беше да се унапреди дијалогот, да се унапреди разбирањето за верата и луѓето да се дружат, иако се од различни сфери. Низ сите овие години имавме парламентарци, секретари на држави, министри, граѓански лидери, религиски лидери и обични луѓе, затоа што ние веруваме дека пораката за мир е порака на исламот, и таа важи за секого. Во изминатите години гостин ни беше градоначалникот на Лондон, овде беше државниот секретар, претставници на различни верски заедници, и тоа е многу важно за нас, за да го слушнат говорот на неговата светост Хазур Мирза Масрур Ахмад, калифата на нашата заедница. Денеска тој имаше посебен фокус на унапредувањето на правдата за сите, тој сака да ја пренесе пораката за правдати се обидува да ги натера луѓето да дејствуваат во името на правдата, за да може вистинскиот траен мир да завладее во светот. Затоа ова стана меѓународен настан и денеска имаме луѓе од 27 земји со повеќе од 100 делегации од целиот свет. Затоа ова станува многу важен настан, не само за Велика Британија, туку и за светот.

Поголем број од пристуните на мировниот симпозиум во Лондон првпат присуствуваа на средбата и рекоа дека се задоволни од она што го слушнале, со што добиле нови сознанија за исламот и за напорите на Ахамдија муслиманската заедница да се шири пораката за мир во светот.

Јас сум Џозеф Дивокер, работам за Англиканската црква, а повремено пишувам за случувањата во заедницата. На овој симпозиум дојдов да слушнам што всушност работи Ахмадиската муслиманска заедница, околу исламот во Велика Британија, порастот на националната свест, предрасудите и прашањата за тоа што е, каде го има. Посебно ме интересираат некои особености во врска со исламот, а поврзани со меѓународниот мир и каква улога може да има религијата во тој поглед во земјава и во светот.  … Јас сум меѓу деветте од десет Британци кои ги почитуваат муслиманските браќа и сестри како соседи. Морам со жалење да кажам дека меѓународната политика има влијание за лошото мислење за нив во Британија и во многу земји, како сомневање, игнорирање за муслиманската заедница. Мислам дека е срамно што луѓето во одделни делови на Лондон се однесуваат така и мислам дека тоа не е добро и треба да се надмине…. Мислам дека повеќето Британци, после терористичките напади, можат да направат разлика меѓу мнозинството од нашите муслимански сограѓани и оние кои покажуваат насилство. Мислам дека и тие брзо беа преознаени и осудени од јавноста за нивниот насилнички чин. Ваквите можности за разговор се добри за да се надминат какви било сомневања во јавноста.

Јас сум Ричард Хеминг и овде сум затоа што мојата сопруга е учителка во основно училиште, а еден од родителите на нејзин ученик е активен во оваа заедница, па бевме поканети да видиме за што се работи. Вечерва овде имаше одлични говорници, за поголем број од работите јас ни не бев свесен. Всушност, многу малку познавања имав за оваа муслиманска заедница, па научив многу работи. Има толку пријателска атмосфера, навистина беше корисно и интересно.

Јас сум Луиџи Де Салвиа, претседател на меѓународното здружение Религии за мир во Италија и потпретседател на истото за Европа. Ние имаме контакти и работиме заедно со нашите пријатели од Ахмадиската муслиманска заедница во Италија и во Европа. Важно е да се каже дека имаме континуитет во соработката од околу 15 години и ова е начин да се покажат и на подлабок начин да се претстават предизвиците со кои се соочуваме во моментот, ризиците за мирот и како да одговориме на оваа обесхрабрувачка ситуација со војните на Блискиот Исток, во Централна Африка и слично. Ние ја цениме важноста на духовноста, на добриот и коректен приод кон религијата, да и се служи и да се почитува религијата, а не да се користи за погрешни цели. Мислам дека кога е во прашање религијата, познавањето на едни со други, меѓусебното почитување и соработката можат да придонесат за големи придобивки во врска со мирот. Се разбира, секогаш имаме нови предизвици и потешкотии, но мораме да ги одржуваме хоризонтите за мир и правда.

Меѓу присутните гости на мировниот симпозиум имаше и претставници од други верски заедници, кои во Лондон дошле специјално за оваа прилика.

Јас сум отец Џејсон Вејли, јас сум францискански монах, римокатолички свештеник, живеам во Рим и сум вонреден член на Папскиот институт за арапски и исламски студии, таму предавам исламски студии. Ова е моја прва средба со Ахмадиската заедница овде во Европа, откако ја завршив мојата докторска дисертација во Вашингтон. Оваа заедница е многу активна и ја промовира својата меѓурелигиската програма во овој град, поради што ми беше задоволство да присуствувам на оваа вечер и да ја одбележиме добрата работа за промовирање на мирот. Посебно ми беше задоволство да ги слушнам зборовите на неговата светост и она што беше највпечатливо за мене е поврзувањето на важноста за  грижата за сиромашните, занимавањето со прашања за системската сиромаштија и прашањето на климатските промени. Не можеме овие работи да ги разделиме една од друга. И папата Франциск смета дека прашањата за екологијата во природата, но и хуманата екологијата се целосно поврзани, поради што ми беше осоебно мило да слушнам што мисли за ова неговата светост – калифата.

Се викам Емануел Раику, доаѓам од Канада, а го претставувам тамошниот весник на заедницата од Гана. Дојдов овде за да присуствувам на овој настан и да ја информирам нашата заедница во Торонто. На весникот работам околу 20 години и јас сум уредник и издавач и пријател сум со Ахмадија муслиманите во Торонто. Калифата беше во Торонто пред две години, се сретнав со него и тој е лидер на мирот, а она што денеска посебно ми направи задоволство е што ги повика лидерите да му се придружат во промовирањето на мирот, а тоа ми се допадна.

Се викам Мустафа Арно, живеам во Лондон и јас сум Ахмадија. Го повикав мојот пријател да дојде овде, да присуствува на овој настан и тој прифати. Пораката од нашиот почитуван духовен водач е да го шириме мирот, без оглед колку различни групи и заедници има, да ги надминеме разликите, без оглед дали сме мусмлимани, христијани, дали го обожуваме Бог или не, треба да живееме во мир и да се почитуваме еден со друг, како што вели тој. Без тоа ќе има насилства.

(Самјуел Асанте-Нуро….) Мојот добар пријател ме покани овде, на овој мировен симпозиум, па си реков зошто не, знаете дека само мирот во светот е важен, да бидеме заедно, без разлика, како што рече тој, дали сте христијанин, муслиман, тоа навистина не е  важно. Треба сите да бидеме мирољубиви и треба да имаме само една мисла, тоа е мирот. Ако ги видите сите религии во светот, секоја од нив се залага за мир, па тогаш зошто не, ако овие луѓе се за мир, јас прифаќам да дојдам.

Здраво, јас сум наредник Роберт Џонс, ја претставувам Британската армија. Првпат сум поканет овде во Морден, за овој настан и тој беше многу добар, љубезни се и убаво беше да се видат напорите за мир.

Наташа Кин-Томас, гостинка на настанот….  Дел од моето животно искуство се другите култури и религии и го имплементирам тоа во структурата на универзитетот. Импресионирана сум од она што го слушнав и пораката што заедно треба да ја пренесеме, навистина беше добро… Дефинитивно ќе дојдам и следната година, ќе бидам слободна тогаш.

(Ли Престон….) Навистина е добро да се биде овде, мислам дека е многу важно што овој настан продолжува со успех, се одржува подолго време, веќе 15 години, и пораката што се испраќа, можноста што се претставува, да се сретнат сите членови, од сите заедници и националности заедно, со една единствена надеж.

Со оглед на важноста на настанот, меѓу гостите на симпозиумот имаше и вискои владини претставници од земјата домаќин, но и од странски држави.

Јас сум д-р Мустафа Дел Хамид, јас сум министер за информации на Република Гана. Знаете дека Гана е во Африка, поточно во Западна Африка. Ова ми е првпат да присуствувам на овој мировен симпозиум, многу сум импресиониран, многу сум возбуден, посебно од обраќањето на лидерот на Ахмадиската заедница, тој допре навистина важно прашање за мене, за односите меѓу религиите. Тој рече дека ако можеме да ја отстраниме омразата од нашето срце и да ја замениме со сочувство, тогаш ќе завладее мир во светот. Со други зборови, не мора да бидете ниту христијанин, ниту муслиман, ниту хинду или будист за да бидете мирољубиви, потребно ви е сочувство за да бидете мирољубиви. Ние можеме да сочувствуваме и да се разбираме едни со други, без притоа да влијаеме врз нечие верување. Се што треба да направиме е да сфатиме дека вие имате право да верувате во вашата религија, како што јас имам право да верувам во мојата религија. Мислам дека пораката беше добра, задоволство ми е што се сретнав многу луѓе, сега со вас како новинар од Македонија и со сите други. Со тоа мислам дека целта на овој симпозиум е постигната и среќен сум што сум овде. Можеби ќе дојдам и следната година.

Здраво, јас сум Алојз Сејди од Австрија, Виена. Бев поканет од моите пријатели Ахмадии во Виена да дојдам овде, бидејќи сум многу активен во поглед на меѓурелигиските односи како христијанин. Всушност, имам многу добри пријатели кои се Ахмадии, ги ценам затоа што сметам дека тие се како реформисти за исламот. Сметам дека е многу позитивно што тие не поканија овде, убаво е да се дојде, добра атмосфера, морам да кажам дека ова е добра средба, луѓето се љубезни и среќни. Добро духовно дружење исполнето со надеж и убаво е да се биде овде. Слично, и во Виена ние имаме меѓурелигиски средби со луѓе од различни нации, и се надевам дека ќе се вратам дома со ново искуство, добро е да се биде овде.

Јас сум од Португалија, новинарка сум и првпат сум овде. Мислам дека ова е многу важен настан, посебно за мене, затоа што не знаев дека муслиманите имаат ваква заедница која е толку обединета и тие прават толку многу работи за мирот… ова е изненадување за мене, толку многу луѓе заедно, од толку многу држави, да работат за иднината, за нашата иднина и за иднината на идните генарации. Многу е добро и за мене ова е еден вид инспирација.

15 мировен симпозиум во Велика Британија заврши со желба за повторно среќавање на следниот ваков настан договина во истото време. Притоа беше испратена пораката дека постојано треба да работиме и да ги поттикнуваме луѓето во сите делови на светот, без разлика дали се богати или сиромашни, моќни или угнетени, верски или нерелигиозни, да работат за мирот и правдата.

 

напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.