Ковид-19: Болниците низ Европа речиси преполни.

Ковид-19: Болниците низ Европа речиси преполни.
ноември 15 03:34 2020

Болниците во повеќе делови од Европа, од Англија до Украина, предупредуваат дека нивните оддели за интензивна нега се речиси преполни додека вториот бран на корона вирусот се шири низ континентот.

Лекарите предупредуваат дека вирусното цунами веројатно ќе биде полошо од првиот бран кој ги зафати Европа и САД на почетокот од годинава. Алармот е вклучен поради силно темпо на зголемување на новите инфекции и пред доаѓањето на зимата.

Василис Вустас, лекар од Грција кој работи во одделение за интензивна нега со пациенти со Ковид-19 во болницата Папаниколау во Солун вели „се плашам дека бројот на пациенти ќе се зголеми толку многу што нема да можеме да ги третираме.“ Во неговиот оддел бројот на пациенти веќе се зголеми за пет пати. „Болничкиот капацитет веќе е на граница“ вели Вустас.

Предупредувања стигнуваат и од болниците во северна Италија.

Кон средината на неделата вкупниот број на потврдени случаи на корона вирус во Италија го мина симболичниот еден милион. Според владините податоци земјата сега има по повеќе од 30.000 нови случаи на ден, а расте и бројот на починати од Ковид-19.

Оваа недела Масимо Гали, раководител на одделението за заразни болести во болницата Сако во Милано, предупреди дека ситуацијата „во голем дел е надвор од контрола.“ Италијанската Национална асоцијација за интерна медицина се согласува со ова. Оттаму велат дека италијанските болници се најпогодени во северниот дел од земјата поради огромниот број на пациенти со Ковид-19.

Во отворено писмо кое го објави италијанската новинска агенција АНСА, Асоцијацијата вели дека болниците имаат недостаток на персонал и на кревети.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте минатата недела воведе полициски час на национално ниво, нареди рано затворање на баровите и рестораните и најави и натамошни рестрикции за луѓето кои патуваат од и кон региони со висока стапка на инфекција. Неколку региони, вклучително и Ломбардија која беше епицентар на пандемијата во Италија за време на првиот бран, се прогласени за „црвени зони“ и се заклучени.

Во Украина, каде има повеќе од половина милиони потврдени случаи, ситуацијата е сериозна во одредени региони. Украинскиот претседател Зеленски и неговиот шеф на персонал Јермак беа хоспитализирани откако кај нив беше потврден вирусот иако имаат само благи симптоми. Ова го соопшти портпаролката на претседателот.

Украинската Влада одобри „викенд заклучување“ кое ќе биде во сила за сите несуштински бизниси и ќе важи во саботите и во неделите.

И во Велика Британија постои загриженост поради капацитетот на болниците. Во делови од Англија тие се речиси исполнети. Универзитетската болница во Ковентри е исполнета меѓу 96 и 98% во изминативе денови додека се бори со вториот бран на Ковид-19.

„Ние се наоѓаме во средина на она што го нарекувам оперативно цунами“ вели Киран Пател, директор на болницата.

Извор: mk.voanews.com

  Категории:
напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.