Започна првата фаза од капиталниот проект за подобрување на системот за водоснабдување во општина Пехчево

Започна првата фаза од капиталниот проект за подобрување на системот за водоснабдување во општина Пехчево
декември 03 16:26 2021

Општина Пехчево се соочува со сериозни предизвици кои се однесуваат на системот за водоснабдување и квалитетната вода за пиење за граѓаните односно обезбедување на доволни количини на вода, третман и управување со квалитетот на водата за пиење, достапност и испорака на истата до граѓаните и стопанските субјекти како и надградба и модернизација во инфраструктурата и проширување на водонабдителната мрежа во општина Пехчево.

Застарената технологија на прочистување на сирова вода, заматувањето на истата и недостатоците во технологијата за пред-третман, количините на прочистена вода за потребите на населението, кавалитетот на истата, нивото на инвестиции и услови за работа во пречистителната станица за вода за пиење се големи предизвици кои имаат огромно влијание врз квалитетот и квантитетот на испорачаната прочистена вода за пиење и соодветно на тоа огромно влијание врз квалитетот на живот и здравјето на граѓаните на општина Пехчево.

Во рамки на проектот ,,Градење на општински капацитети за имплементација на проекти,, финансиран од страна на Шведската агенција за развој (СИДА) и имплементиран од страна на Програмата за равој на Обединетите нации (УНДП), односно Фондот за техничка документација, општина Пехчево доби поддршка за разрешување на приоритетни инвестициски проекти и предизвици за локалниот развој.

Подршката од страна на донаторите се состои во подготовка на техничка документација за реконструкција на пречистителната станица за вода за пиење (Филтер станица за вода за пиење) во Пехчево.

Со првата теренска посета на избраниот проектант-изработувач на проектната документација – ДОМИНГ Радовиш, општинскиот тим за имплементација на проектот заедно со градоначалникот на општина Пехчево ја отпочнаа практичната имплементација на проектот  при што се разговараше за обемот на работите кои се во рамки на проектната задача и ја посетија Филтер станицата во Пехчево.Заедно со вработените при ЈКП КОМУНАЛЕЦ Пехчево кои работат во пречистителната станица за вода за пиење Пехчево се разговараше за постојниот капацитет на постојката, секојдневните предизвици и проблеми со кои се соочуваат, потребите од следење на квалитетот на водата, потребата од обезбедување на дополнителни количини на вода и сл.

Во периодот што следува предстои интензивна комуникација и координација која треба да обезбеди неопходни предуслови за планирање на доградба или проектирање на нова фабрика за вода за пиење со нова технологија за прочистување со зголемен капацитет, приклучување и проектирање на дополнителни елементи за пред-третман за исталожување на суспендирани честички, проектирање на нова технолошка, машинска и електро опрема и автоматика за прочистување како и за мерење на довод на сирова (непрочистена) и прочистена вода, проектирање на простор за престој и работа на персоналот во фабриката за вода, дизајн на фотоволтаични панели и др.

Крајниот резултат од оваа проектна активност е проектирање на нов, модерен објект-Фабрика за вода во Пехчево, кој ќе работи со двојно поголем капацитет за да се задоволат идните потреби на граѓаните и стопанството, објект со технологија на прочистување која ќе биде димензионирана според карактеристиките на сировата вода и која ќе испорача квалитетна и чиста вода за пиење, објект кој со искористување на обновливи извори на енергија ќе троши помалку ел. енергија за работните процеси и конечно современи услови за работа и престој на персоналот со можност за далечинско следење и мониторинг на работата на процесните единици во фабриката за вода.

Времето за реализација на проектот е 3 месеци.

  Категории: