ДОМАШНИТЕ ТУРИСТИ САМО ЈА УБЛАЖИЈА ЗАГУБЕНАТА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА ВО БЕРОВО.

ДОМАШНИТЕ ТУРИСТИ САМО ЈА УБЛАЖИЈА ЗАГУБЕНАТА ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА ВО БЕРОВО.
декември 07 20:46 2020

Оваа туристичка сезона, со сигурност долго ќе се памети, но не по добро, туку по минусите и големите загуби на глобално ниво.Уште од почетокот на годината  беше јасно дека заради пандемијата од корона вирусот, туризамот ќе биде озбилно загрозен, а таквата ситуација го погоди и туристичко Берово, каде во последните неколку години туризмот е препознатливата слика на градот.

Намалениот број на туристички аранжмани и резервации, намален интерес за посети и семинари како резултат на претпазливост од Ковид 19 вирусот се дел од проблемите со кои се соочуваат хотелиерите и сопствениците на ресторани во Берово.

Високите 55 проценти од странските туристи, кои беа застапени минатата година во Берово ги нема во потполност, а тоа се должи на рестрикциите и стравот кој е присутен кај граѓаните вели Дина Муцунска менаџер на хотелот „Манастир“  во Берово.

Почнувајќи од пролетта, угостителские објекти  во Берово, трпат огромни загуби, велат сопствениците и додаваат дека се на граница да почнат да ги отпуштаат вработените, кое не оди во прилог на никого.

Од ресторанот „Мрс“ кој важи за еден од најстарите ресторани во Македонија, во своето над 50 годишно непрекинато работење, велат дека ваква ситуација не се памети.Веруваат дека моменталната состојба ќе се подобри и дека државата ќе излезе во пресрет да изнајде решение, кое би ги потпомогнало барем платите на вработените.

Владата со третиот пакет мерки одвои 16 милиони евра за домашниот туризам и ваучери за над 100.000 граѓани од по 6.000 денари, како и домашни платежни картички од 3 и 9.000 денари за да се поттикне потрошувачката во овој сектор.

Токму Берово беше една од туристичките дестинации на македонските граѓани, кои во задоволителен број се одлучија да ги искористат туристичките ваучери и барем малку да го ублажат негативното влијание на ковид пандемијата врз туристичкиот сектор во градот.Сепак според сопствениците на туристичките комплекси и угостителите, оваа мерка иако беше добредојдена, сепак не е доволна.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари ‒ септември 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 60.4%, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 20.7 %, а кај странските има намалување за високи 83.8 %.

Дали во престојниот период хотелиерите и угостителите би можеле да се надеваат на поголема грижа од државата и нови сет мерки во областа на туризмот кои барем малку би ги покриле нивните загуби, тоа допрва ќе се покаже.Но сигурно е дека ако следната година не настане подобрување, туристичко Берово би можело да се соочи со огромни последици кои директно би влијаеле на економскиот бенифит на градот и целокупната туристичка слика, која во последните години е препознатлива дестинација како за домашните така и за странските посетители.

  Категории: