(ВИДЕО)„ПИТОМАТА“ МЕЛОДИЈА НА ДАНЧО РУНТЕВСКИ.

(ВИДЕО)„ПИТОМАТА“ МЕЛОДИЈА НА ДАНЧО РУНТЕВСКИ.
мај 03 23:07 2021

Непроценливо богатство на информации за почетоците на убавата Малешевска песна, остава сведочењето на можеби белегот на ората и песните дедо Данчо Рунтевски, преставени во документарецот на поранешната Радио телевизија Берово „РТБ“.Интервјуто направено во 1998 година од страна на почитуваната новинарка Даница Младеновска, во документарната емисија „Одтргнато од заборавот“ претставува сведок на богатата и вредна малешевска тајфа низ времињата во Берово, иречени од дедо Данчо Рунтевски.

Сепак голем придонес за престаувањето на овие вредни информации до сите вас, што ќе ви ги претставиме подолу, даде Тимко Чичаковски, кој несебично ги сподели со нас неговото богато истражување на целата Малешевска музичка историја, како и голем дел посветен на Данчо Рунтевски.Овие истражувања се сместени во неговиот магистарски труд, а како поткрепа за зачувување на малешевските музички вредности, успеавме да добиеме и авторски песни од Данчо Рунтевски, преснимани од магнетофонска лента, а исто така и серијал на сведоштва на Беровчани, кои го потврдуваат големиот музички дух на Берово и животот на Беровчани во тие времиња.Упатуваме голема благодарност за вредниот труд на информации, музика и дела, кои ни ги достави нашиот Тимко Чичаковски.

Приказната за музичарот Данчо Рунтевски и неговата како што вели „Питома мелодија“ ќе ви ја прикажеме низ видео и аудио снимки во неколку серијали.Оваа вечер ви ја прикажуваме документарно-репортажната емисија „Одтргнато од заборавот“ снимена од поранешната Радио телевизија Берово „РТБ“

Документарната емисија е снимена 1998 година од страна на Радио телевизија Берово.

Во почетокот на XX век, со развојот на градската традиција, градовите следејќи ги промените што се случуваат на европско ниво, ја следат промената и во инструменталниот состав. Покрај инструментите што ги изработувале самите свирачи, во употреба влегуваат и инструментите од фабричко потекло. Ваквиот тренд го следи и градот Берово, каде што најпрочуен кларинетист бил Јордан (Данчо) Рунтевски. Потекнува од големо семејство, кое било населено во месноста Туртела, место кое е оддалечено 20 километри од Берово. Во документарниот филм „Одтргнато од заборавот“, главниот актер Данчо Рунтевски, преку свои излагања, ни презентира одредени настани за музичкиот живот во Берово. Филмот започнува со исказите за неговите почетоци:

„Почнал сам од десет години, прво сос сворче, сос секуј инструмент шо ми е дошел фоф рацете, не е куртулисал од мене. Сворче, гајда тамбура и на послетка виулина. Сос виулина свирех околу десетина години, додека да се снабда сос кварнето. А куга се снабдих сос кварнето, јас се научих за два дена сос него да свира. Од два дена можеаше да играа. Имах си питома мелодија и да е лоша песната, јас че и наддам“.

За почетоците на свирење и кои инструменти ги свирел Данчо Рунтевски, објаснуваат и неговите син и ќерка Илија Рунтевски и Драгица Рунтевска:

„Он е Јордан, ама сите го викааше Данчо. Оше од малечок е почнал да свири на сворче, после на гајда, а има свирено и на тамбура и на виулина. Не е имало кој да го учи да свири, самоук е он, а и сам си е правил инструментите. Е вече куга е бил 20 години го набавува кларинето од Словенија“.


Исто така во документарниот филм „Одтргнато од заборавот“ од исказите на Данчо Рунтевски, дознаваме дека имало и постари музичари од него, но нивниот претходен оркестар се распаднал и се приклучиле во неговата тајфа, а со останатите музичари бил во тесни роднински врски. За ваквите случувања и сплет на околности, како и за инструменталистите Рунтевски вели: „Имахме добар певач ние, Бико го викаа Ване. А имаше добри виолинџии и се приклучија кон мен, растури се ниината банда, тие беа постари. И братча имах и они свиреа, по сој сме музикални и трујца братча одехме. Ние и тове шо поеше и двамина виолинџии од Чиплаковци“.

Во продолжение на филмот Рунтевски го објаснува начинот на кој се живеело, а при тоа раскажува и за веселбите на кои свиреле. Семејството на информаторот било големо, а живееле како што веќе истакнавме, во месноста Туртела, која е во близина на Берово, а таму живееле и останатите музичари од оркестарот.:

„Туртела беше гулема населба, вели тој. Фоф малку место дваесе колиби беа, това беше кат село, а ние бехме музикантите там. Тогај беше така, не беше кат са да седи свето. Ние доем на свадба, а сите живеехме на Туртела музичарето шо бехме. Дојдем на свадба, завршим свадбата, тугај се три дена караше свадба, од сабота вечер до понеделник, од ка одведеш невестата на вода и се заврши свдбата. Ама ние утрото од свадбата оше ф тевно трчехме на Туртела да работим. Стока чувахме, сеанини, косенини, се работа земјоделска тогај до анасана. Никуј не нее учил ни сме тренирали, ние сме си самоучка работа“.

Данчо Рунтевски за репертоарот кој што го свиреле вели дека поради времето во кое живееле и разните окупаторски владеења, биле принудени да свират различни песни:

„Ние знаехме и турски и малешески и српски и од војната сме запавнили бугарски, се ние свирехме“.

Оркестарот на Данчо Рунтевски свирел до крајот на седумдесетите години од минатиот век, а покрај свадбите што ги свиреле, неговиот оркестар бил секогаш викан и на славите св. Богородица во Берово и Илинден на месноста Туртела.123 Немајќи време ни да јадат на свадбата, свирачите после напорната работа се собирале во куќата на Рунтевски, каде го делеле бакшишот и знаеле и да ја продолжат забавата дури до наредниот ден:

„Он од свадба си идеше сабајле и тука дома у нас че се соберат, че апнат, че си допијат, оти не са се опили на свадбата, че поделат парите братски, па не скорнат и нас децата песни да поеме и да играме сос них, та до сабајле“.

напиши коментар

0 Коментари

Сеуште нема коментари!

Биди прв што ќе коментира.

Напиши коментар

Вашите податоци се безбедни! Вашата е-маил адреса нема да биде публикувана. Сите *полиња се задолжителни,

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.