БЕРОВО ЌЕ ДОБИЕ НОВ ГРАДСКИ ПАЗАР.

БЕРОВО ЌЕ ДОБИЕ НОВ ГРАДСКИ ПАЗАР.
август 22 01:24 2018

Започнуваат градежните работи за Изградба на затворен зелен пазар во Берово, проект вреден 12.468.657,00 денари, со средства обезбедени преку Гранд од Светска Банка со учество на Општина Берово.

Како најповолен понудувач на јавниот повик се јавила фирмата ВИА Инжинеринг ДОО од Вевчани а пазарот ќе се протега на покриена површина од околу 1800 метри квадратни.

Ново проектираниот објект на пазарот ќе се состои од три модули, два продажни делови и влезен дел. Во едниот модул ќе се продаваат раноградинарски и земјоделски производи, а во другиот овошје и друг вид на прехрамбени производи.

Градскиот пазар во Берово е единствениот пазар на територијата на Општина Берово , кој постојано го користат жителите на општината, посетителите и туристите за време на туристичката сезона. Самиот пазар е од суштинско значење за локалното население,трговците, земјоделските производители, како од економски така и од социјален аспект со оглед на тоа што години наназад е белег на многу средби, и место кое што Беровчани низ традиција секој четврток се навикнати да навратат, понекогаш дури и без некоја особена потреба.

Со цел да се обезбеди долгорочно подобрување на условите за непречено функционирање на пазарот кој освен во четврток како новоизграден ќе може да се користи и во другите денови од неделата и при различни временски услови со оглед на тоа што ќе биде затворен, а воедно и да се придонесе кон засилување и поттикнување на економските активности и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, Општина Берово наскоро ќе добие Затворен Зелен градски пазар.

Во временскиот период на изградба, тезгите како и самиот пазар ќе бидат времено дислоцирани на паркингот пред детската градинка ,,23 Август”, каде што граѓаните ќе имаат можност да ги набавуваат потребните производи.

Очекувањата се дека некаде околу Нова Година, Берово конечно ќе се пофали со модерен Градски пазар, кој ќе ги запази сите правила и стандарди на модерно градско уредување.

 

Извор: berovo.mk

  Категории: